Скопје најголемо жариште на Ковид-19, есенскиот бран ќе биде сериозен предизвик

Јуни 2020, Скопје / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Во текот на вчерашниот ден регистрирани беа вкупно 163 новозаразени со Ковид-19, 40 оздравени, и тројца починати. Со ова, бројката на вкупно активни случаи во земјава се искачи на 3.284. Највисоките бројки се уште се бележат во Скопје, а најмногу во Чаир.

Како што соопшти вчера Министерството за здравство, од новодијагностицираните најмногу се регистрирани во Скопје-70 лица, во Куманово-2, Дебар-6, Штип-14, Прилеп-2, Тетово-25, Струга-4, Велес-2, Битола-1, Охрид-9, Кавадарци-3, Гостивар-11, Струмица-1, Крива Паланка-2, Кочани-3, Свети Николе-4, Ресен-4.

Од 40-мината оздравени, шест се од Скопје, еден од Куманово, од Штип-16, Прилеп-1, Тетово-9, Велес-2, Битола-1, Гостивар-2, Кочани-1 и Ресен – едно лице.

Во ГОБ „8 Септември” починаа три лица, пациент од Ресен (42г) хоспитализиран на 13 јуни и двајца пациенти од Скопје (71г) хоспитализиран на 15 јуни и пациентка (83г) хоспитализирана на 23 јуни, информираше вчера Министерството за здравство.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 5758. Бројката на оздравени пациенти е 2206, на починати е 268, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3284.

Откако пред околу две недели драстично почна да се зголемува бројот на новодијагностицирани од коронавирус во земјава, а со што беше прогласен и вториот пик на епидемијата, во Скопје се бележат највисоките бројки, најмногу во општина Чаир со вкупно 421 активни случаи. Потоа следуваат општините Аеродром – 143, Бутел – 139, Гази Баба – 149, Центар – 125, Карпош – 125.

Сепак, во овој момент, како што оцени министерот за здравство Венко Филипче, нема индикација за воведување дополнителни рестрикции во движењето. Изминатите неколку дена факторот на пренос на КОВИД-19 е под единица и ако така остане, очекувањата се дека бројот на заболени ќе се намали.

Според Филипче, и покрај вториот бран кој е со поголем интензитет од првиот, ситуацијата добро се менаџира, а здравствениот систем има капацитет да ги прими сите пациенти. Располага со доволно болнички кревети и со доволно кадар – лекари и медицински сестри.

-Еден од главните критериуми врз на кои се проценува дали и какви мерки треба да се воведат е капацитетот на здравствениот систем – број на слободни болнички кревети и кадар, што ние засега добро го менаџираме. Има сосема доволно и кревети и лекари и медицински сестри. Не постои друг принцип врз основа на кој би се вовеле некакви мерки, освен овие на кои се темелат и нашите политики и препораки, подвлече Филипче.

Она за што министерот најмногу предупреди е фактот дека доаѓаат есенските месеци кога луѓето повеќе ќе бидат во затворено и ќе почнат да работат школите. Ова се според него сериозни ризик фактори и може да биде сериозен предизвик за здравствениот систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран.

Тврди дека здравствениот систем сега е многу поспремен од почетокот на кризата, но оти не е целта да се зафатат сите кревети, туку да се спречи вирусот. Повторно апелира да се почитуваат мерките  бидејќи, како што наведе, само така и заеднички можеме да се справиме со пандемијата.

Филипче вчера имал средба со претставници на Исламската верска заедница, а планира да се сретне и со претставници на МПЦ, како и со претставници на невладини организации. Врз основа на тоа ќе иницира заеднички состанок со Владата.

Целта е активно вклучување во кревање на свеста за коронавирусот и потребата од почитување на мерките за лична заштита.

– Борбата со вирусот ќе трае, но ние мора да научиме да живееме со него и да се заштитиме. Сметам дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат, да го искористат своето влијание во зедницата во подигнување на свеста за коронавирусот и потребата од почитување на мерките за лична заштита. За ова е неопходен дијалог на сите општествени нивоа. За оваа цел, Министерството за здравство иницира заедничка средба на претставниците на владата, невладините организации и верските заедници на која ќе ги дефинираме начините за активно вклучување на сите и обединување во борбата со вирусот, истакна Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот