Скопје можеби нема езерски или планински, но затоа има „ШОПИНГ ТУРИЗАМ“

Слободен печат/ Д. Митрески

Македонската метропола со своите природни убавини и значајни историски споменици, се повеќе го привлекува вниманието на светската јавност. Па оттука не е за изненадување интересот на големиот број странски туристи за Скопје и се поголемата посетеност на главниот град.

Но, за волја на вистината, вниманието на посетителите не го привлекуваат само културно-историските споменици и природни убавини, туку и трговските центри. Со право може да се каже дека Скопје прераснува и во шопинг центар за оние кои практикуваат „викенд шопинг туризам“. Трговците тврдат дека се забележува раст на потрошувачката, посебно за време на викендите кога голем број потрошувачи од соседството, особено од Косово, заради близината, доаѓаат на шопинг во Скопје.

За да се увериме во истото се прошетавме низ неколку атрактивни шопинг локации во главниот град.

Најнапред го посетивме најстариот трговски центар, ГТЦ, каде што не пречека комерцијалната директорка Весна Тоновска, која што вели дека и покрај силната конкуренција која што ја наметнуваат затворените молови, Градскиот трговски центар, се уште претставува синоним за шопинг тура.

– Ги следиме трендовите, и во чекор сме со новитетите. Имаме бесплатно ви-фи за посетителите, а подготвуваме и детско катче за рекреација на најмладите. Во најава е и отворање на конференциска сала – рече во изјава за „Слободен печат“, комерцијалната директорка на ГТЦ, Весна Тоновска, и додаде дека самиот трговски е проектиран како транзитна улица која поврзува два дела од центарот на Скопје, така што никогаш не е празен.

Синоним за шопинг туризам во Скопје е и атрактивниот Скопје Сити Мол, кој како што информира маркетинг менаџерот Дамјан Корубин, најчесто го посетуваат купувачи од Косово, Јужна Србија, но за изненадување, на шопинг во Скопје доаѓаат и од Грција и од Бугарија.

Го прашавме и дали попустите кои ги нудат продавниците се реални. Еве што ни одговори:

– Скопје Сити Мол не ги одредува цените, па оттука не се меша во одредувањето ниту на попустите. Станува збор за франшизи на странски брендови, кои самите одредуваат колкав попуст ќе дадат за одреден производ.

Шопинг понудата во Скопје денеска ја збогати и отворањето на првиот Point Retail Park каде што на површина од 9.500 м2 застапени ќе бидат голем број на познати домашни и странски брендови.

Иако не постојат точни податоци за тоа колку потрошувачите од соседството трошат на шопинг во Скопје, од неофицијалните разговори со трговците низ градот, може да се каже дека, како што расте бројот на странските туристи во градот, се зголемува и потрошувачката низ трговските центри.

И ако во минатото полни автобуси од Скопје пристигнуваа во Солун или Софија на шопинг, сега се почести се организираните автобуски тури чија крајна дестинација е Скопје, односно шопинг центрите во градот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот