Скопје можеби конечно ќе добие Луна парк догодина

Фото: Принтскрин

За новиот забавен парк, како што информираат од Град Скопје, во моментов се изработува проектна документација, која треба да се достави до Градот во наредниве два месеца.

Веќе петта година по ред Скопје нема Луна парк. Стариот, онаков каков што беше,  со години беше место за радост и забава на најмладите жители на главниот град, единствена и неизоставна локација за посета при прошетките низ Градски парк. Потоа, градското раководство на чело со Коце Трајановски реши да направи нов Луна парк, па во годините потоа се најавуваа различни проекти, но земјиштето каде што беше и каде што треба да биде забавниот парк, остана запуштено и недоизградено.

Сега, новото градско раководство одново се сети дека на Скопје му треба Луна парк и почетокот на  неговата изградба ја најавува за годинава која штотуку започна. На неодамнешниот брифинг со новинарите градоначалничката Данела Арсовска најави дека по празниците ќе започне уредувањето на паркот.

Ќе се пристапи кон монтирање на реквизитите што се веќе набавени и ќе се вклопат и во новата проектна документација за да биде паркот функционален – рече Арсовска.

За новиот Луна парк, како што информираат од Град Скопје, во моментов се изработува проектна документација, која треба да се достави до Градот во наредниве 2 месеца.

Наследените 7 реквизити треба да се постават според потпишаните договори, зашто тие се задржани во проектното решение, а дополнително треба да се набават 20 нови реквизити – информираа од Град Скопје.

Луна паркот почна да се гради во април 2017 година по идеен проект на „Билд урбан“, а за изведувач на градежните работи беше избрана фирмата „Жикол“. Реализацијата требаше да чини  околу 6,5 милиони евра и требаше да се гради етапно. Како што информираше тогашниот градоначалник Коце Трајановски, во првата фаза беше предвидено изградба на инфраструктура и објекти неопходни за функционирањето на забавниот парк, но и да се постават седум реквизити, кои се набавија во меѓувреме. Според проектот во паркот требаше да има 27 реквизити, од кои три адреналински, шест семејни и 18 детски, но и лулашки, вртелешки и тобогани.

Потоа, градоначалникот Петре Шилегов ја запре изградбата затоа што проектот не бил добар и најави изградба на нов поголем забавен парк, за што две години подоцна беше претставен и нов проект. На почетокот на пандемијата изградбата на забавниот парк падна во „втор план“, па во март 2020 година Шилегов најави дека  наместо за изградба на новиот Луна парк, Градот ќе се задолжи 12 милиони евра за изградба и реконструкција на улици и друга инфраструктура.

Луна паркот повторно стана еден од „адутите“ во предизборната кампања за локалните избори во 2021 година. Шилегов тогаш рече дека за забавниот парк градот има завршено проект, обезбеден е буџет, соодветен план за јавни набавки и соодветна локација за градба и прецизираше дека тој  ќе се наоѓа на местото на стариот Луна парк, на иста парцела, со иста големина и со ист број на дрвја, каде што ќе се сместат 27 реквизити. Паркот требаше да биде готов до летото 2023 година и во него, меѓу другото, да биде сместен и најголемиот ролеркостер на Балканот.

Останува скопјани да се надеваат дека по толку проекти и најави конечно за година-две ќе можат да уживаат во она што му недостасува на градот – забавен парк.

Видео на денот