Скопје – кратка историја на (пре)именувањето

Никола Наумоски – Град Скопје е единствениот град во регионот што минатиот месец лансираше пакет од осум мерки за културата во време на вонредни услови

Последното контроверзно преименување на повеќе скопски улици во 2012 година, за кое скопјани воопшто не беа прашани, наиде на сериозно неодобрување и протест од страна на многу граѓани и градски советници.

Скопје е град со многу имиња и уште повеќе освојувачи и владетели. Ако одиме наназад низ историјата, пред сегашното име е „Скопие“ (1941-1944) и „Скопље“ – од 1912 кога српските војски го симнуваат натписот Uskub од железничката станица изградена во 1873 година. Турското име „Ушкуб“ (на албански „Шкуп/и“) го добива на почеток од 1392 г., кога „освојувачот на Скопје“ Јигит бег го зазел од Вук Бранковиќ. Претходно бил познат како главен град во кој е крунисан Стефан Душан. Ако ги прескокнеме многубројните средновековни освојувачи, ќе стигнеме до римското Скупи, ограбувано и ништено не само од Готи, Хуни, туку и од поплави и земјотреси.

Скопје денес е познат како „градот на Вардар“, но во средновековието бил познато како „градот на Серава“. Трансформацијата на Скопје во „градот на Вардар“ се финализира дури по формирањето на новите маала на десната страна на реката, особено по изградбата на првата железничка станица на пругата до Солун (ете зошто улица „Железничка“). Претходно, просторот на десната страна на Вардар бил познат како Виранлак (запустено место) или Каршијак(а). Kлучната урбанизација по оформувањето на новите маала (Влашко Маало, Ново Маало, Маџир Маало…) се случува дури со пробивањето на улицата од првата „Стара Железничка“ до Камениот мост во 1911 година, по повод посетата на султанот Решад Мехмет V. Лично султанот го трансформирал Ушкуб како град на двете страни на Вардар, свечено пуштајќи ја во употреба улицата „Јени џаде“ („Нова улица“). Оттогаш, Скопје формално почнувало од првата стара железничка станица, а не како дотогаш од Камениот мост кон Старата чаршија. Според некои преданија, на отворањето на „Ново џаде“ бил донесен трамвај од Виена со коњска влеча, а по „Јени џаде“ забрмчил и првиот автомобил „Форд“ донесен со воз, во делови, а потоа бил монтиран на самата железничка станица.

Контроверзно преименување

Историјата на преименувања на „Јени џаде“ е приказна сама по себе. Од „Нова улица“ е пременувана во „Султан Хамид“, па во „Цар Фердинанд“, па во „Улица Краља Петра“, па во „Цар Борис III“. По ослободувањето на Скопје, на 10 февруари 1945 „Цар Борис III“ е преименувана во „Маршал Тито“, а повеќе улици кои дотогаш носеле броеви се преименувани во „Маршал Сталин“, „Иван Рибар“, „Кеј Димитар Влахов“, „Генерал Темпо“, „ Илинденска“, „Гоце Делчев“, „Јане Сандански“, „Ѓорче Петров“, „Кеј 13 ноември“. Последното формално преименување на „Маршал Тито“ во „Македонија“ е донесено со одлука на Советот на Град Скопје во 2012 година, бидејќи претходната одлука за преименување од 1993 година, беше поништена од Уставниот суд (што создаде вистински хаос со адресите на многу улици).

Последното контроверзно преименување на повеќе скопски улици во 2012 година наиде на сериозно неодобрување и протест од страна на многу граѓани и градски советници. скопјани воопшто не беа прашани дали сакаат нивните улици и плоштади да бидат преименувани по ликови од античката историја, кои немаат врска со историјата на градот. Граѓаните на „Ленинова“ – дебармаалци што сакаат да си ги негуваат своите традиции – не сакаа да живеат на наметнатата улица „Аминта Трети“, па самите си поставија табла со „Ленинова“. Табла „поранешна улица Мексичка“ се најде и на новоименуваната улица „Петре Пирузе“, како протест на жителите на оваа улица кои бараа „Мексичка“ да не се прекрстува, зашто е симбол на солидарноста – на населбата изградена од владата и од народот на Мексико како доказ за пријателство и солидарност по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963. На силеџиското преименување реагираа и многу жители на улиците „Водњанска“, „Стив Наумов“ и култната „Железничка“ – преименувана во „Јордан Мијалков“, по вујкото на тогашниот премиер и таткото на директорот на УБК. ВМРО-ДПМНЕ силеџиски изгласа споредниот булевар што води до „Кванташки пазар“ да биде преименуван во „Киро Глигоров“ и покрај протестите на семејството на претседателот. Негативни реакции предизвика и именувањата на една улица и мост по Тодор Александров, за што тогашниот директор на ИНИ изјави: „Сметам дека во овој момент не требаше да се иритира јавноста со неговото име“.

За разлика од претходната градска власт која наметнуваше нови имиња на улици (и на објекти од тоталитарниот проект „Скопје 2014“) без воопшто да ги консултира граѓаните, враќањето на дел од имињата на скопските улици е резултат токму на предлозите на скопјани кои живеат на тие улици, по спроведената јавна анкета. И надополнувањето на списокот на можни скопски улици е резултат на поинклузивен демократски процес, во кој беа вклучени предлозите на граѓаните, советниците и стручната јавност. Како резултат на јавната дискусија, Скопје сега има листа на можни имиња со повеќе жени, со повеќе добитници на Нобелова награда, со повеќе светски истакнати книжевници, философи, поети, музичари, како и личности од значење за немнозинските заедници. Во листата има повеќе имиња на народни херои и други носители на позначајни државни одликувања, познати личности и настани од светската историја, имиња на скопски градоначалници, ректори на скопскиот универзитет, академици, државници, стопанственици, научници, спортисти, уметници и др.

Дезинформации и обвинувања

За жал, и овој инклузивен процес – беше медиумски проследен со многу дезинформации, лажни вести и тенденциозни наслови, како и со неосновани напади – најмногу од партиите ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски и бугарското ВМРО на Каракачанов. Дезинформации беа нападите во проопозициски портали дека со новите предлози за дополнување на регистарот на имиња на улици „ќе се слави и Призренска лига која ја основа идејата за голема Албанија“, зашто уште во 2012 година беа усвоени имиња што директно посочуваа не само на „Призренската лига“ („4 Декември“), туку и на „Печка Лига „Беса – Бесе“. Во дополнетиот список е и името на „Јашари Мухамед Aли“, кој на 8.4.2011 „загина бранејќи го неговиот другар Македонец, при тепачка во нивното училиште“ – подвиг опишан како „долг за општеството и редок чин на човечка храброст“.

Дезинформации се и обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека Град Скопје „покажува целосно непочитување кон ликот и делото на двајцата македонски претседатели“ и дека „Шилегов го фрла во заборав Борис Трајковски“. Град Скопје има спортска сала „Борис Трајковски“ и ново модерно училиште „Киро Глигоров“, а и имињата на обајцата претседатели не се бришат од листата на улици. Дезинформации се и обвинувањата на Каракачанов дека се сменила улицата „Борис Сарафов“ затоа што бил Бугарин и офицер на бугарската армија. На скопската листа од 2012 година се најде и Желју Желев, и Венко Марковски, а на дополнетата листа од 2021 се наоѓаат и Георгиеви Евлоги и Христо, кои „несебично ја финансирале изградбата на првиот бугарски универзитет – главната универзитетска зграда на Софискиот универзитет“. Скопје има и средно училиште со име „Георги Димитров“, кое во својата историја има запишано дека е „изградено во 1964 година по катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, како помош од бугарската влада“.

Сепак, најапсурдни се обвинувањата на Каракачанов и други бугарски политичари за враќањето на името улицата „Ленинова“.

Зошто бугарските политичари се мешаат во македонските и скопските работи, а воопшто не им пречи што на списокот на поштенски станици на „Бугарски пошти“ може да се најдат адреси на 12 различни улици „Ленин“, на 18 улици „Георги Димитров“, како и улица „Карл Маркс“ и плоштад „Тодор Живков“ (кој има и паметник и куќа-музеј)?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот