Скопје – крајот што го краси селото

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Битола уште нема аеродром, нема ни Штип. Затоа Аеродром ќе има голф-игралиште во село Лисиче. Ќе продолжи со правењето „дупки“ во развојот на градот, веднаш покрај депонијата Вардариште.

„Скопје има аеродром, Битола нема“, им пееја скопските на битолските навивачи кон почетокот на 90-тите години од минатиот век. По три децении, Штип за малку ќе добиеше карго-аеродром, ама Владата 30-те милиони евра, планирани за негова изградба, ги пренамени за локални патишта, канализации и водоводи во општините. Избори се ближат.

И во претстојната кампања ќе слушнеме нови ветувања за чист воздух, за вработувања, развиена инфраструктура, во земја во која секое десетто семејство нема пристап до вода за пиење. Безнадежни се обидите за надминувањето на разликите настанати поради нерамномерниот регионален развој. Долговите на општините ќе продолжат да растат додека трае преселбата на целата држава во главниот град, а ќе се покриваат кампањски од централната власт, на сметка на капитални инвестиции. Тие секогаш може да почекаат.

За да одговори на побарувачката за станови, Скопје се извишува, но и се шири, иако е поприлично раширен. Само во последнава декада, од околу 60.000 новоизградени станoви во целата земја, речиси една третина се со скопски имотен лист. Во периодот од 2017 до 2019 година, во скопските општини се слеале половина од вкупните приходи на државата од данокот на имот. Тој дисбаланс во блиска иднина ќе биде уште поголем поради отсуството на стратегија.

Во престолнината моментно се планира изградба на три нови „населби“ – Расадник, Јурија и Езеро Треска. Ќе бидат „нападнати“ и Маџир Маало и паркингот кај „Холидеј ин“, откако на Уставен суд „падна“ мораториумот за градба во Општина Центар. Проекти што ќе го дозатнат сообраќајот, канализацијата, но и алвеолите и крвните садови на скопјани. Најзаслужната за привремениот мораториум за градба во Центар, екоактивистката Јана Белчева, како претседателка на Советот на Општината се бореше додека може, но се предаде и поднесе оставка. Посилна од неа беше несопирливата градежно-урбанистичка мафија, која нуди „една милијарда инвестиции“ за да продолжи злосторот врз просторот на Скопје. Како да е забрането да се гради на друго место?!

Некогашните дозволи за градба „приземје плус кат“ дури и на Водно се надградени и проширени. Режимот на Груевски реши катноста на објектите да зависи од големината на плацот за уште повеќе да ги наполни џебовите на одбраните. Истите тие што ќе ги купат плацевите на до вчера трошните куќарки, а на нивно место ќе изградат повеќекатница, се разбира, без соодветна придружна инфраструктура. За до недоглед да се „лепат“ згради една до друга.

Некогаш горд на своето зеленило, Скопје 30 години „сади“ молови наместо борови. Шопинг-центрите во нормалните земји се на градските обиколници, но кај нас Бранко Црвенковски прв сечеше лента на мол во центарот на градот. Така почна распродажбата на маркички, па и Владо Бучковски наплати добра цена од метар квадратен државна сопственост. Низата продолжи со Сити мол, Лимак, Ист гејт… На Никола Груевски малку му беа само маркички, па го „маркираше“ центарот со градежно-урбанистичкиот франкештајн „Скопје 2014“.

Ретките исклучоци – чесните градоначалници – се правдаат дека се немоќни. Урбанистичките планови биле донесени пред тие да дојдат на власт, градежните дозволи ги издале нивните претходници, не можело на граѓаните да им се одземе правото да градат на нивниот имот. Популизмот, сепак, не смее да биде пред јавниот интерес. Власта можеше да покаже добра волја со промена на барем еден од законите со некои што ќе го хуманизираат нашето живеење, а не да го продолжи криминалот. Како, на пример, со  легализацијата на дивоградби.

Битола уште нема аеродром, нема ни Штип. Ни кој и да е друг град, освен „главниот“ и Охрид. Затоа Аеродром ќе има голф-игралиште во село Лисиче. Ќе продолжи со правењето „дупки“ во развојот на градот, веднаш покрај депонијата Вардариште. За Скопје да биде уште поелитен крај што го краси селото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот