Скопје ќе стане центар за борба против лажни вести на јужното крило на НАТО

Радмила Шеќеринска/ Фото: Слободен печат Ристе Пејовски

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ги презентираше приоритетите на Министерството за новиот четиригодишен мандат. Таа посочи дека фокусот ќе биде ставен на отворање на НАТО пазарот за македонските компании, стабилен раст на буџетот на одбраната, модернизација на армијата, инвестиции во полигоните и реконструкција на касарните, како и транспарентност на службата.

Нашата заложба е да покажеме дека не ја држиме фотелјата во НАТО само формално, туку седиме на тоа столче затоа што другите сојузници можат да сметаат на нас и ние на нив, рече денеска на претставувањето на приоритетите на институцијата со која раководи министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Министерката откри дека за да се модернизира Армијата, веќе е и потпишан договор со САД за набавка на 33 лесни оклопни борбени возила, наменети за лесната пешадиска баталјонска група, дефинирана и како НАТО единица. Модернизацијата, меѓу другото, предвидува набавка на 151 вакво возило и таа ќе биде реализирана во наредните 4-6 години. Ќе се менува и системот за јавни набавки со кои ќе се овозможи директно управување со финанските средства во висина од околу 500 евра од страна на командите и касарните, за да се зголеми ефиксноста и подобрат условите за работа.

Како еден од побитните приоритети министерката за одбрана ја посочи и модернизацијата на Армискиот полигон Криволак. Во моментов се работи на подобрување на патната инфраструтура и веќе се завршени 25 километри.

– Вкупно се планирани 75 километри внатре и околу полигонот, а главните правци да завршат до следната година пред почеток на воената вежба „Одлучен удар”, што ќе се одржи во мај 2021 година, а на која ќе учествуваат околу 2.000 војници од армиите на САД, Бугарија, Грција и Северна Македонија, рече министерката Шекеринска.

Шекеринска за наредната година најави дека Скопје ќе биде домаќин на НАТО конференција на околу 500 комуникатори на која ќе се дискутираат плановите за комуникација на НАТО и борбата со лажните вести и напади. 

– Ќе имаат можност да го видат и нашиот Регионален центар за доноси со јавноста кој сакаме, во соработка со Центарот во Рига, да прерасне во Регионален центар за борба против дезинформации и лажни вести за јужното крило на НАТО, подвлече Шекеринска.

Таа додаде дека ќе се работи и на реконструкција на објекти во касарните, и оти во моментов тече работа на реновирање на два големи објекти во рамки на касарната Илинден. До крајот на годината ќе почне и реновирањето на уште еден објект во оваа касарна, како и дел од Воената академија.

Во врска со највената реформа и кратење во администрацијата, министерката посочи дека во Миинистерството за одбрана и во минатиот период се работело на тоа бројноста да не се зголемува и места кои се ослободиле со пензионирање на вработени, а не биле есенцијални, не се пополнувале. Така, појасни министерката за одбрана, во 2016 година во МО имало 876 вработени, а на крајот од 2019 година 712. Се разбира, додаде таа, доколку анализата покаже дека и натаму има голем број нефункционални работни места, тоа ќе биде исправено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот