Скопје и Софија загледани во Париз, се чека конечниот предлог

Фото: Димитар Ковачевски/Фејсбук

Според Советот на амбасадори, предложената преговарачка рамка дава основи да се добие датумот за преговори, под услов билатералниот протокол, кој сè уште не е потпишан, да не остане во заклучоците на Европскиот совет, затоа што историските прашања не треба да бидат дел од преговарачката рамка.

Министерството за надворешни работи вчера се оглуши на обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека дипломати од Скопје заминале во Софија на тајни преговори во врска со „францускиот предлог“. Од МНР не одговорија дали нешто преземаат во оваа последна седмица од јуни во која завршува ротирачкото француско претседателство со ЕУ или само чекаат на потегот на Париз, кој се очекува евентуално да предложи конечна варијанта на преговарачката рамка за Македонија. Бугарија и Македонија минатата недела се изјаснија за своите државни позиции во билатералниот спор, при што Софија испорача четири, а Скопје три црвени линии што нема да ги преминат при прифаќањето на рамката.

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата за дипломатска неспособност и за целосно нарушување на сите преговарачки позиции со Бугарија.

– Да им одговори Владата на граѓаните, дали денеска има тим од МНР што е пратен во Бугарија да преговара за францускиот предлог? Дали е точно дека овој тим преговара предлогот да биде ставен во протокол за ЕУ? Дали со ова молчење тимот од МНР ја крои тажната судбина на државата, далеку од очите на јавноста? Ковачевски, Османи, Маричиќ и сите други да одговорат што работат и што преговараат тајно, далеку од очите јавноста во врска со  францускиот предлог – рече вчера портпаролот на партијата Димче Арсовски, кој побара оставка на Владата.

Според Советот на амбасадори, предложената преговарачка рамка дава надежни основи да се добие датумот за преговори, но да бидат уважени македонските услови, односно билатералниот протокол, кој сè уште не е потпишан, да не остане во заклучоците на Европскиот совет, затоа што историските прашања не треба да бидат дел од преговарачката рамка. Советот на амбасадори смета и дека рамката треба да се отфрли ако Бугарија инсистира на непризнавањето на македонскиот јазик и подвлекува дека е ирационален предлогот на Софија отворањето на преговорите да биде условено со измените на македонскиот Устав.

„Советот смета дека ЕУ треба да ѝ гарантира на Македонија дека нема да ги прифаќа другите новонастанати предлози на бугарската страна оти таквиот потег би личел на игри без граници“, се вели во неговото соопштение.

Во меѓувреме Софија ја „префрли топката“ во Скопје и порачува дека откако Народното собрание во петокот усвои нова резолуција, ветото во Брисел повеќе не е тема. Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков изјави дека „Скопје сега има избор за својата иднина“. Според него, Бугарија не може да носи одговорност за сите, а со прифаќањето на „францускиот предлог“, Софија успеала да ги заштити своите национални интереси. Петков инсистира дека ако Македонија се согласи со предлогот на Париз, ќе треба да ги вклучи Бугарите во Уставот пред да го почне преговарачкиот процес.

Според аналитичарите, сега сè зависи од тоа дали и каква конечна верзија на преговарачката рамка ќе испорача Франција. Политикологот Петар Арсовски вели дека, со оглед на личниот ангажман на претседателот Емануел Макрон, се очекува да има нов конечен предлог од Париз, а ако е така, логично е дека ќе ги уважи македонските позиции, затоа што бугарските и онака биле поставени во нацрт-варијантата, што Скопје ја одби. Тој вели дека не мора сè да се реши до крајот на оваа недела, а смислата на крајот на јуни била за да се стигне одлуката за преговори да се донесе на Самитот на ЕУ. Арсовски објаснува дека и по завршетокот на француското претседателство, доколку Скопје и Софија ја прифатат рамката, преговорите може да почнат така што ќе се свика вонреден состанок на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), кој го сочинуваат министрите за надворешни работи на земјите членки.

– Конечниот француски предлог може да биде усвоен и за време на чешкото претседателство со ЕУ. Како земја кандидат Македонија последна ќе се изјасни за конечниот предлог. Ако го одбиеме, тоа ќе значи дека некое идно претседателство со Унијата ќе изготвува нов предлог за преговарачка рамка, а процедурата ќе почне од почеток и ќе мора да ги мине сите фази, што може да трае неколку месеци. Техничката влада во Бугарија може да го прифати францускиот предлог и без ново гласање во Народното собрание, ако процени дека евентуалниот конечен предлог не отстапува од резолуцијата што ја усвоија во петокот – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот