Скопје и Софија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес

Фото: Фејсбук

Во Познањ денеска во рамки на самитот на земјите од Западен Балкан ќе биде одржан централниот настан – состанокот на шефовите на држави или влади на кој треба да биде објавено идното заедничко претседавање на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите.

– На Самитот за Западен Балкан во Познањ, на заедничка прес-конференција на премиерот Заев со премиерот на Полска Матеуш Моравјецки, со канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, и со претседателот на Владата на Бугарија Бојко Борисов, кој ќе се одржи во 15 часот, ќе биде објавено дека Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес во наредните 12 месеци. Претседавањето на Северна Македонија и Бугарија ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје, информираат од владината прес-служба.

Потенцираат дека од почетокот на оваа иницијатива, прв пат се случува една земја членка од Западен Балкан, кандидат за членство во ЕУ, како што е Северна Македонија, да копретседава со Берлинскиот процес и заедно со Бугарија, земја членка, да ги организира и координира проектите за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на Западен Балкан.

Програмата за шефови на држави и влади на Самитот за Западен Балкан денеска почнува со официјалниот пречек од полскиот премиер Матеуш Моравјецки на шефовите на делегациите на земјите од Западен Балкан, како и канцеларката Ангела Меркел и членовите на владината делегација на СР Германија која е покровител на иницијативата Берлински процес.

На централната пленарна сесија на самитот, гостите од регионот ќе ги поздрави и претседателот на Полска Анджеј Дуда.

Премиерот Заев ќе учествува во сите работни сесии на Самитот и ќе има обраќања на работниот ручек, како и на пленарната сесија.

Агендата на Самитот на Берлински процес во Познањ е заснована на политичката и економската димензија. Главни области на соработка се транспортното и енергетското поврзување на Регионот, економската интеграција, бизнис секторот, соработката меѓу младите, третманот на билатералните и други отворени политички прашања од минатото на Регионот, но и глобални безбедносни и миграциски предизвици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот