„Скопје 2014“ и невролошката врска помеѓу минатото и иднината

Летово се наполнија 70 години од кога Џорџ Орвел ја напиша својата легендарна дистопија „1984“, а се чини дека нејзината актуелност се повеќе се зголемува, наместо да исчезнува, заедно со сеќавањата на повоената Европа од четириесеттите години од минатиот век. Оваа нараснувачка актуелност мора да се должи на загрижувачките историски тендеции во тинејџерството на 21 век, но и на фактот дека романот изобилува со навистина ингениозни мисли. Не сум сигурен, додуша, дека читаноста видливо му се зголемува во нашиот Вечен жабурник, но цитираноста и значењето на некои мисли на Орвел е секако многу поголема отколку во времето кога печатарската боја уште се сушела во првите изданија од романот.

На врвот од таа планина моќни, лапидарни мисли е секако и следниот, можеби најпознатиот цитат: „Кој го контролира минатото, ја контролира иднината: кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото…“. Мислам дека не постои покус и позбиен, а воедно подлабок и поречит, опис на практично сите тоталитаристички злоупотреби на власта во последното столетие, што целеле да ја обезбедат апсолутната контрола не само над телата и голите живот на луѓето, туку и над нивните мисли, мемории и идентитети.

Централно начело на Партијата

Во овој божествено мудар исказ со пеколно зловеста содржина се врежани и мотивот, и целта, и средството на секое тоталитарно поробување. Тоталната контрола на човечките умови преку контролирање на нивното спознавање на минатото, е единствената причина и за измислувањето на чистата раса на германските ариевци од страна на Хитлер и неговите нацисти, и за хеленистичкото ребрендирање на македонската нација од страна на Груевски и неговата ВМРО.

Но, интересно е дека оваа мисла е оставена само на интуитивното разбирање, кое како да ја остава неразјаснета мистериозната причинско-последична врска помеѓу минатото и иднината. Навистина, како тоа, по ѓаволите, минатото може да ја контролира иднината? Зошто Орвел го одбрал обиколниот пат до иднината, назад преку минатото, како пат за нејзиното контролирање? Односно, да не му грешам на големиот писател: не е тој што ја одбрал оваа временска обиколница, туку тоа го направија без исклучок сите тоталитарни диктатори во историјата, спонтано, интуитивно и демонски ефикасно, а Орвел оваа пракса генијално ја преточил во лапидарна дефиниција. Но, сепак, која е таа врска помеѓу минатото и иднината, што е очигледно толку длабоко вградена во начинот на кој функционира човечкиот мозок и поради тоа толку податна на злоупотреба?

Голем дел од објаснувањето се наѕира во полната мисла на Вилсон Смит, јунакот на „1984“, кој живее во дистописката супер-држава Океанија, што е владеана од единствената моќна Партија, на чиешто чело се наоѓа митската и од никого видена фигура на Големиот Брат. Вилсон работи во историскиот архив на државното Министерство за вистина, а неговата задача е секојдневно да ги менува историските податоци, според упатствата што доаѓаат „од горе“. Еден ден, тој се буди и помислува: „Кој го контролира минатото, ја контролира иднината: кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото… Менливоста на минатото е централното начело на Партијата. Настаните од минатото, според него, немаат објективна егзистенција и не постојат, туку преживуваат единствено во записите и сеќавањата на луѓето. Минатото е само тоа за што постои согласност и во записите и во мемориите. А, бидејќи Партијата во потполност ги контролира сите записи, исто како и умовите на своите членови, излегува дека минатото е што било кое Партијата ќе го одбере“.

Непостоечко минато

Орвел имплицира дека содржината на човечкиот ум е исцело исполнета од личните и секогаш фиктивни мемории за минатото, та контролата на иднината се постигува низ контролираното минато сама по себе, зашто иднината не може да има друга содржина од мемориската. Неверојатното во оваа храбра и интуитивна теза на Орвел е дека последнава деценија невролошката наука стаса до недвосмислени научни докази за нејзината вистинитост! Првото откритие во таа насока го дадоа истражувањата направени врз најпознатиот невролошки пациент во историјата на оваа научна гранка – Хенри Молејсон, кој бил болен од исклучително тешка форма на епилепсија, заради што 1953 година му била направена операција на мозокот со која му бил отстранет хипокампусот од двете мозочни хемисфери, едни колку прстиња мали делчиња во базисот на мозокот.

По операцијата се покажало дека ужасните напади на епилепсијата прекинале, но Хенри се разбудил со комплетна амнезија, односно неспособност да запамети било што. Пациентот не можел да го препознае својот лекар, еден миг откако овој ќе излезел од просторијата; не можел да се препознае ниту себе си во огледало, а ниту просторијата во која бил до пред минута. Хенри Молејсон соработувал со научниците давајќи им непроценливо важни информации за функцијата на хипокампусот и амигдалата, цели 55 години, се до својата смрт 2008. Доказот за вистинитоста на Орвеловото дистописко начело за тоталната контрола преку контролата на минатото, првин произлезе од анализата на функционирањето на свеста на Молејсон. Откога ја изгубил способноста да претвори во меморија било какво искуство, Хенри го изгубил и самиот интуитивен концепт на времето. Педесет и петте години од неговиот живот тој документирано ги поминал како еден ден, како времето да застанало. Со губитокот на можноста да памети, Хенри Молејсон го загубил минатото, а со тоа и интелектуалната способност да ја замисли иднината. Таа исто така престана да постои за него. Оваа врела невролошка врска помеѓу минатото и иднината е денес измерена, снимена и докажана научна вистина.

А, ќе прашате, почитувани читатели, која е поуката од оваа литературно-невролошка прошетка? Еве ја: додека спомениците и градбите од „Скопје 2014“ штрчат во центарот на престолнината, тие лажни записи за непостоечкото минато не само што ни го крадат минатото, туку не оставаат и без иднина. Оставајќи ги инструментите на тоталната контрола на Министерството на вистината на ВМРО-ДПМНЕ да делуваат и понатаму, ние се излагаме на лоботомија со која ни се уништува делот од мозокот задолжен за меморирање, а со тоа – како што видовме – го губиме и самиот концепт на иднината. А, впрочем, дали оваа толпа невролошки пациенти што така гротескно го слават своето лажно минато, воопшто и заслужуваат да имаат иднина?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот