Скопјани за шест месеци вдомиле 74 улични кучиња

Отварање на ЈП Лајка - Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митреска - Слободен печат.

Вкупно 399 кучиња биле заловени од екипите на ЈП „Лајка“ во период од шест месеци, односно во периодот од започнувањето со работа на ова јавно претпријатие. Од оваа бројка на заловени кучиња од скопските јавни површини, 223 од нив, откако им биле направени сите прегледи, повторно биле вратени на локацијата од која биле заловени. Од оваа бројка на кучиња, 184 биле стерилизирани, а 160 биле кастрирани. Вкупно 74 заловени кучиња имале среќа и биле вдомени од страна на заинтересираните граѓани, а имало и 20 кучиња кои биле заловени од вработените во ЈП „Лајка“ на некоја од јавните површини во главниот град, но откако било констатирано дека станува збор за домашни миленичиња, биле вратени на сопствениците откако докажале дека станува збор за нивно милениче. За жал, во шестмесечната работа на ова јавно претпријатие има и три кучиња кои биле еутаназирани, како и две угинати кучиња.

– Изминатите шест месеци направиме значаен исчекор во хуманиот третман и благосостојбата на бездомните кучиња од улиците на Град Скопје.Со намалување на нивната популација и градење култура за вдомување, преку подигнување на свеста за одговорно сопствеништво и низа кампањи, успешно ја остваруваме нашата мисија – велат од ЈП „Лака“.

Оттаму информираат дека и понатаму ќе продолжат со ова темпо и најавуваат дека на граѓаните и на сите љубители на животните ќе им овозможат како што велат, сервис кој до сега го немале.

– Градењето на меѓусебната соработка и доверба е процес кој го поставивме на здрави темели и во иднина очекуваме дека ќе бидеме појдовна мисла на секој еден граѓанин, кога ќе најде куче на кое му е потребна помош – велат од ова јавно претпријатие.

Според направените проценки, на територија на Град Скопје пред да започне со својата работа ова јавно претпријатие имаше околу 2 000 кучиња скитници кои талкаа низ јавните површини низ градот и тоа во сите скопски општини. Од ЈП „Лајка“ апелираат до граѓаните да пријавуваат бездомни, но и агресивни кучиња и на тој начин заеднички да работат на тоа да се намали бројот на овие животни низ градот, но и да им се даде шанса откако ќе бидат заловени да бидат вдомени.

– Сите кучиња кои што се заловени подлежат на следниве третмани: крвна слика, 4Д тест, тест за лишманија по акредитирана метода, терапија против надворешни и внатрешни паразити, вакцинација против заразни болести и беснило, кастрација/стерилизација, микрочипирање и обележување на ушна маркица. Одреден процент на кучиња беа позитивни на болестите ерлихија и анаплазма за што добиле соодветна терапија. Дел од нив се веќе излечени, а дел од нив се и веќе вдомени. Ние како претпријатие мошне одговорно стоиме позади нашата работа и болно куче не би вратиле на улица – децидни се од ЈП „Лајка“.

Сите граѓани кои сакаат да пријават бездомно куче, потребно е да остават свои информации, но и информации за локацијата и фотографија од кучето, а потоа екипите излегуваат на терен за да го заловат кучето.  Од почетокот на работењето на ова јавно претпријатие, добиле 355 пријави од граѓани, 85 претставки од АХВ за каснати граѓани, 74 некомплетни пријави а за 255 добиени пријави е постапено на терен.

Од ЈП „Лајка“ објаснуваат дека постапуваат по пријави на приватен имот и домашни миленици, нити пак по пријави за заловување на кучиња помали од 7 месеци, како што не заловуваат ниту пријавени кучиња кои се лоцирани надвор од територијата на Град Скопје. Екипите на ова јавно претпријатие исто така не излегуваат на терен и доколку има пријава од граѓани и желби за дислокација на кучиња кои веќе го поминале хуманиот третман, односно кучиња кои се видливо обележани со ушна маркица во жолта, црвена или сина боја.

Во рамките на Меѓународната недела за превенција од каснување од куче која се одбележува од 12 до 18 април, од ЈП „Лајка“ ги потсетуваат граѓаните дека, каснувањето од куче претставува сериозен здравствен ризик и за луѓето и за другите кучиња.

– За кучињата кои каснале граѓани, согласно закон задолжително се заловуваат и одат под 14 дневен надзор, без разлика дали имаат ушна маркица или не. Истите по изминување на рокот од 14 дена подлежат на хуман третман и се нудат на вдомување. Доколку не се вдомат, се враќаат на матичната локација – децидни се од ЈП „Лајка“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот