Скопјани за една година фрлиле 158.476 тони ѓубре

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ во текот на изминатите 12 месеци собрале и транспортирале вкупно 158.476 тони комунален отпад, што е за 4.713 тони или 3,07 проценти повеќе во однос на 2019 година.

Ова јавно комунално претпријатие, во отчетот за 2020 година информира дека нивните служби секојдневно ја одржуваат хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини во градот Скопје, притоа потенцирајќи дека седумпати во неделата, во три смени, го собирале и транспортирале комуналниот отпад од скопските домаќинства, како и од речиси 600 стопански субјекти во урбаниот и руралниот дел на градот.

Во координација со Град Скопје и со другите јавни претпријатија, преку заеднички активности реализирале генерално чистење на сите скопски општини, како и комплетно расчистување на двете страни на кејот на реката Вардар, каде што се поставени 120 нови канти наменети за одлагање ситни отпадоци.

-На подрачјето на главниот град, во текот на минатата година беа отстранети над 9.000 метри кубни отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно одлагање на отпадот од поединци и правни субјекти – посочуваат од ЈП„ Комунална хигиена“.

Во јуни 2020 година, на барање на жителите на Скопје, од нивна страна е воведена нова услуга за преземање кабаст отпад од домаќинствата, а граѓаните што имаат потреба да се ослободат од стар мебел и неупотребливи електронски и електрични уреди можат да се јават на бесплатниот телефонски број на претпријатието. Услугата е достапна секој ден во неделата од 7 до 19 часот.

– Во текот на 2020 година, на сто локации во речиси сите скопски општини поставени се околу 200 нови садови за одлагање на комуналниот отпад со зафатнина од 3,2 м3, а поставени беа и 500 нови канти наменети за одлагање ситни отпадоци. Во овој период, од страна на непознати сторители, беа опожарени вкупно 70 контејнери наменети за одлагање комунален отпад, од коишто десет нови садови со зафатнина од 3,2м3. Сите опожарени контејнери во најкус можен рок беа заменети со нови садови, со цел да се задржи ефикасноста и стандардната динамика на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје – информираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Како дел од активностите за 2021 година, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје има во план да набави 47 нови специјални комунални возила – метларки, автоцистерни и возила наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад. Предвидената обнова на возниот парк и механичката опременост на Претпријатието  е со цел да придонесе поефикасно и поквалитетно извршување на активностите. Главен приоритет на ЈП „Комунална хигиена“ останува заштитата на јавното здравје и одржување на јавната хигиена во градот Скопје на највисоко ниво.

Според истражувањето на реномираниот Центар за граѓански истражувања, во чиишто рамки беа опфатени сите институции и претпријатија во Северна Македонија, ЈП „Комунална хигиена“ е прогласено за претпријатие со најголем раст на транспарентноста за 2020 година, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот