Скопјани во пресрет на Нова година сѐ уште живеат во сивило, се украсува само во Центар
Од Град Скопје веќе вообичаено нема најава кога и дали ќе се украсува градот, ќе има ли новогодишна прослава на плоштад, а повеќето скопски општини молчат и не ги откриваат јавно своите планови. Во некои од нив во тек се јавни огласи за украсување
Во периодот кога сите светски метрополи блескаат предновогодишно накитени, кога граѓаните веќе планираат која празнична програма на плоштадите им е најпривлечна и каде да ја поминат највеселата ноќ, Скопје и натаму живее во сивило и без никаква информација дали се планира некаква забава во празничните денови.
Од Град Скопје веќе вообичаено нема најава кога и дали ќе се украсува градот, ќе има ли новогодишна прослава на плоштад, а повеќето други скопски општини молчат и не ги откриваат јавно своите планови.
Единствена општина што навреме почна со украсување, како што тоа редовно го прави и во изминатите години, е Центар, каде што оваа активност веќе е при крај. Со елки и светлосни декорации се украсуваат повеќе локации, какви што се Сквер Јадран, улиците Боемска и Орце Николов, Сквер Капиштец и паркот Капиштец.
Дополнително, ќе се постават дрвени куќички и декорации што ќе ја надополнат зимската бајка. На плоштадот „Јадран“ ќе биде организиран новогодишен базар, кој ќе се одржува неколку денови пред новогодишната ноќ, со многубројни настани и забави. Во моментов се договараат македонски музичари, кои ќе ги забавуваат граѓаните предновогодишно. Целта на овој ангажман е да се поттикне заедничко празнување, радост и оптимизам во пресрет на Новата година – истакна градоначалникот Горан Герасимовски најавувајќи го почетокот на украсувањето.
За новогодишното украсување на Центар, Општината по спроведениот тендер склучи договор со Друштвото за производство, трговија и услуги „Линк медиа плус“ од Скопје вреден речиси 3,7 милиони денари, односно околу 60 илјади евра.
Пристигнаа куќичките на плоштад, можеби Град Скопје ќе започне и со новогодишно украсување
Истата фирма ќе го украсува и Аеродром, за што Општината ќе потроши околу 3,5 милиони денари или околу 57 илјади евра. Но, оттаму не одговорија каде ќе се украсува и дали за нејзините жители се планирани некои настани во пресрет на празниците.
И жителите на општина Ѓорче Петров ќе уживаат во новогодишна атмосфера.
Китењето за новогодишните празници ќе заврши најдоцна до 18 декември. Главната локација за украсување ќе биде централниот парк, кој има најголема фреквенција на деца и граѓани. Во однос на музичките настани, планирана е забава за најмладите на 21 и 22 декември, токму во централниот парк на општина Ѓорче Петров – велат од Општината.
Кој ќе го спроведе украсувањето во Ѓорче Петров и колку ќе чини, ќе се знае по завршувањето на јавниот оглас, на 12 декември, но според огласот во паркот треба да биде поставена елка висока најмалку 10 метри, канделабрите ќе се осветлат со ЛЕД-светилки, ќе се постави „ѕвездено“ небо во должина од 200 метри, а ќе светне и Саат кулата.
Јавни огласи за новогодишно украсување во тек се и во Гази Баба, во Бутел и во Чаир, во Гази Баба ќе заврши на 12 декември, а во другите две општини ден порано.
Според огласот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки Општина Гази Баба ќе украсува неколку локации, тоа се плоштадот во Автокоманда, парковите во Ченто и во Стајковци, како и комплексот кај основното училиште „Вера Јоциќ“ во Хиподром. На сите овие локации се планира да биде поставена по една елка од најмалку девет метри, да се украсат дрвјата со светлосни мрежи, да се постават новогодишни светлосни 3Д фигури.
Каде ќе се украсува во општина Бутел засега е непознато, оттаму не споделуваат ваква информација, но според нивниот оглас треба да биде поставена елка висока најмалку 10 метри, светлосни мрежи, ЛЕД-светилки на дрвјата, светлосни фигури, ѕвездено небо, а ќе биде украсена и општинската зграда и друго.
Во општина Чаир новогодишното украсување треба да се спроведе во периодот од 13 до 16 декември на плоштадот Скендербег, во Старата скопска чаршија на потегот од Скендербег до Мурат пашина џамија, а ќе блесне и општинската зграда. На плоштадот ќе биде поставена висока елка, светлосни мрежи на мостот, светлосно небо, канделабри со сијалички, како и неколку светлосни фигури во 3Д форма. Ѕвездено небо ќе има и над главната улица во чаршија, но и на други празнични декорации.
Засега на Електронскиот систем за јавни набавки нема објавено јавни огласи за новогодишно украсување од општините Сарај, Шуто Оризари и Кисела Вода, ниту одговор од нив дали планираат на своите жители да им пружат новогодишна атмосфера.
Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски до граѓаните од општината упати прашалник за тоа дали мислат дека општина Кисела Вода треба да организира сопствена новогодишна прослава за дочек на 2025 година, на која ќе настапат познати македонски уметници. Мнозинството од граѓаните се изјаснија „за“, а во коментари на неговата објава жителите му сугерираат дека би било убаво да се украси општината.
Она што е дефинитивно сигурно е дека годинава нема да се украсува во Карпош, затоа што никој не се јавил на двата објавени тендери.
Општина Карпош нема да украсува за новогодишните празници. Во програмата за оваа година беше предвидено да се украсат плоштадот Делфина во Влае и малиот плоштад спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, за што на двапати беше распишан тендер, но и на двата тендера не се јави ниту една заинтересирана фирма – објаснија од Карпош.
На карпошани им останува да си ги украсат своите домови и дуќани за да ја почувствуваат празничната атмосфера или да прошетаат во соседната општина Центар, каде што ќе биде накитено на повеќе локации.