Скопјани уживаат да шетаат по дворови со „златни“ лисја, но ретко кој соодветно ги фрла

Суви лисја, Фото: ЈП „Комунална хигиена“

Огромни количини органски и градинарски отпад редовно во овој период од годината претставува голем проблем не само за надлежните институции кои се одговорни за негово подигање и за негово соодветно депонирање, туку и за граѓаните кои имаат големи дворови и не знаат каде и како да го исфрлат ваквиот тип ѓубре во месеците кога повеќе нема род или го чистат дворот од прецветаните цвеќиња и ги чистат дрвјата и грмушките од исушените гранки.

Токму неинформираноста околу начинот на исфрлање и третманот на овој тип т.н. сезонски отпад, е причина за негово исфрлање на јавни површини и создавање диви депонии. За жал, и покрај многубројните апели од Град Скопје и од ЈП „Комунална хигиена“ за правилно одлагање на овој сезонски отпад, сѐ уште има и такви граѓани кои откако ќе го исчистат сопствениот двор или бавча, отпадот го носат на одредена јавна површина каде што го палат. Штетите и последиците од ваквите постапки на одредени поединци се огромни и за квалитетот на воздухот, но и поради загадувањето на околната површина.

Сепак, надлежните од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека за среќа од година во година ваквата појава на терен е намалена, во споредба со минатите години и дека свеста кај населението за правилно класифицирање, складирање и депонирање на растителниот отпад, постојано се зголемува.

Како резултат на кампањите за подигнување на јавната свест за штетноста од неправилното постапување со отпадот, во текот на изминатите четири години забележуваме напредок во однос на правилното одлагање на градинарскиот отпад од страна на граѓаните – велат од ова јавно претпријатие.

Оттаму додаваат дека во обид да се реши овој проблем, со години наназад,  како јавно претпријатие апелираат до граѓаните посовесно да го складираат градинарскиот отпад, бидејќи станува збор за суви стебла и гранки што поради состојбата во која се наоѓаат лесно прават дополнително ситно ѓубре што тешко се собира.

Сепак, освен со градинарски отпад и остатоци, надлежните се соочуваат и со проблемот на собирање на паднатите лисја од дрвјата, појава исто така карактеристична за овој период од годината. Токму сувите лисја, собрани од луѓето, претставуваат дополнителен проблем бидејќи и тие се палат, идентично како што се случува со останатиот отпад кој е органски.

Од ЈП „Комунална хигиена“ го собираат ваквиот тип отпад, но граѓаните треба соодветно да го складираат доколку станува збор за суви лисја или соодветно да го наредат, а потоа и да го врзат за негово полесно товарање. Така подготвениот органски отпад, може слободно да се стави до кантата за комунален отпад и екипите на ЈП „Комунална хигиена“ на тој начин многу побрзо и полесно ќе го отстранат, а потоа и соодветно ќе го депонираат.

– ЈП „Комунална хигиена“ во овој период од годината се соочува со зголемени количества градинарски отпад. Апелираме до нашите корисници ваквиот тип отпад да не го исфрлаат во контејнерите или на јавни површини, туку уредно спакуван да го одложат непосредно до поставените садови за исфрлање комунален отпад, така што без проблеми ќе биде подигнат и транспортиран од страна на нашите екипи – велат од ЈП „Комунална хигиена“.

Колку за потсетување, скопјани од година во година „произведуваат“ сè поголеми количини секаков вид отпад. Имено, во текот на 2020 година, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ собраа и транспортираа вкупно 158.476 тони комунален отпад од домаќинствата во урбаниот и руралниот дел на градот. Количеството подигнат отпад во 2020 во однос на 2019 година е зголемено за 4.713 тони, односно 3,07 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот