Скопјани утрово дишат загаден воздух
Според податоците од веб-страницата IQ Air, главниот град утрово е на десетто место во свет по загаденост, со индекс на загадување од 152.
Според извештајот што годинава го објави IQ Air, иако има подобрување од 0,4 микрограми на метар кубен помалку ПМ 2,5 честички, во однос на 2022 година сепак Македонија останува на второ место на најзагадена европска држава веднаш зад Босна и Херцеговина.
Што се однесува до Скопје, иако просечната годишна концентрација на ПМ2,5 се намалила за 2 микрограми, сепак е за една позиција полошо пласиран во однос на 2022 година и се наоѓа на 30 место од 114 најзагадени главни градови во светот.
Според податоците од УНИЦЕФ, пак, во Македонија, смртните случаи на новороденчиња поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година.
Извештајот наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ забележува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според СЗО, и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.
Секој деветти смртен случај кај новороденчиња во Македонија е поради загаден воздух