Скопјани трошат само 7 отсто повеќе вода во лето отколку во зима

Вода / Фото: Архива на „Слободен печат“

Скопјани без разлика на годишното време и висината на температурите користат идентични количини на пивка вода. Според процените направени од ЈП „Водовод и канализација“, разликата помеѓу потрошувачката на вода во текот на летните месеци, кога водата покрај за задоволување на физиолошките и хигиенските потреби се користи и за наводнување, споредбено со зимскиот период кога има минусни температури е некаде околу седум отсто. 

-Од вкупната потрошувачка на годишно ниво во зимскиот период потрошувачката на вода за пиење е 46,5 отсто, а во летниот период потрошувачката на вода е 53,5 отсто – објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“

За разлика од многу земји, кај нас водата која е бактериолошки исправна освен за пиење се користи и за наводнување, а проблемот со користење техничка вода за полевање на јавното градски зеленило, но и наводнувањето на бавчите и на тревниците во дворовите на жителите што живеат во Скопскиот регион, сѐ уште не е решена. Како резултат на тоа, водата што е наменета за пиење, се користи за залевање на растенијата.

Поголемиот дел од зелените површини на територија на Град Скопје се наводнуваат со вода од градскиот водовод. Исклучок од тоа е зеленилото и останатата вегетација во Градски парк, кои се наводнуваат со техничка вода, а со иста таква вода се наводнуваат и зелените површини во парковите во Општина Аеродром. За разлика од тоа што дел од зеленилото во Скопје се наводнува со пивка вода, односно со вода од градскиот водовод, улиците и булеварите во главниот град се мијат исклучиво со техничка вода.

-За одржување на јавното градско зеленило потрошената вода од страна на ЈП „Паркови и зеленило“- Скопје учествува со 3,5 отсто  (од вкупно испорачаната вода за правни лица) – објаснуваат од јавното претпријатие.

Водата која е квалитетна и бактериолошки исправна, а е наменета за задоволување на потребите на скопјани, исто така, со години наназад неконтролирано и неповратно истекува, а се губи и како последица на многубројни дефекти.

Од вкупното количество вода, токму поради ваквите дефекти загубата изнесува околу 20 отсто.

-Загубите на вода при појава на дефект, истекување до откривање на скриен дефект, односно таканаречените физички загуби на вода во текот на 2020 година, врз основа на податоците од годишниот извештај, изнесуваат околу 20 отсто од вкупниот влезен волумен на произведена вода. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во континуитет работи на системски решенија за намалување на загубите на вода во град Скопје – велат од претпријатието.

Според нив, најчесто дефекти настануваат поради промена на притисокот во водоводната мрежа и тоа во зависност од тоа дали е дневна (зголемена) или ноќна (намалена) потрошувачка како и летен период (зголемена потрошувачка) и зимски период (намалена потрошувачка). Појавата на дефектите е како резултат на комбинација на повеќе фактори, притисокот во системот и материјалот од кој е направена водоводната линија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот