Скопјани со петиција против изградба на кули кај „Холидеј ин“

Скопјани преку социјалните мрежи преземаат активности за да ја спречат изградбата на неколкуте висококатници на просторот кај „Холидеј ин“, во обид да ги поттикнат и локалните и државните власти да преземат нешто. Од саботата се потпишува онлајн петиција со која сѐ поголем број граѓани велат – НЕ за изградба на нехумано голем објект на паркингот пред хотел „Холидеј ин“. Петицијата е упатена до Општина Центар, општинскиот Совет и до градоначалникот Саша Богдановиќ, до градоначалникот Петре Шилегов и Советот на Град Скопје, но и до Владата и до министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Архитектката Даница Павловска Циги на својот фејсбук профил предложи граѓаните преку референдум да се изјаснат за овој простор.

– Предлагам референдум со електронско гласање за паркиралиштето пред Холидеј ин да стане јавен простор – нов централен државен плоштад.Да ја тестираме и локалната и државната власт – колку е со граѓаните. Мора да делуваме, разумно, веднаш, итно! Поддржувате или не? Изјаснете се – напиша Павловска.

Идејата за референдум ја поддржа и претседателката на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска, во своето интервју на телевизија „Алфа“.

– Каде е граѓанскиот притисок баш сега? Неопходен е оти има можност под притисок да се суспендира Деталниот, кој не е во согласно со Генералниот урбанистички план. Зошто до сега не е направено суспендирањето?! Овој план, Ц 08, кај „Холидеј ин“, 8,8 пати го надминува Генералниот урбанистички план. Во Скопје: котлина, трусно подрачје со земјотреси, па не треба да сме архитекти за да знаеме дека не треба тоа да се прави. Ја поддржувам идејата дека граѓаните треба на референдум да се изјаснат. Мислам дека тоа е решение во случајот, бидејќи системот не функционира – рече Ивановска.

Во меѓувреме, тече процедурата која треба да финишира со издавање на градежна дозвола со која ќе стартува изградбата на кули на паркингот кај „Холидеј ин“. Според последните информации Општина Центар го одобрила идејниот проект за трите висококатниците, кои треба да бидат со 15, 20 и 25 ката, а фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква, преку фирмата „Обновители“, веќе уплатиле комуналии во износ од 150 милиони денари или 2,43 милиони евра, од нив 1,4 милиони евра на сметката на Град Скопје  и еден милион евра на Општина Центар.

Градоначалникот Богдановиќ деновиве истакна дека е задоволен што барем во проектот на инвеститорот е намалена површината за градење од 200 илјади метри квадратни, колку што предвидува важечкиот ДУП, на нешто повеќе од 80 илјади метри квадратни.

Но, од Општина Центар нема одговор што точно, освен трите кули,  содржи идејниот проект на инвеститорот, и покрај големиот интерес, но и жестоките реакции на јавноста.

Пред еден месец Уставниот суд го укина мораториумот за градба на територија на Општина Центар, со што повторно стапија на сила старите урбанистички планови врз основа на кои може да се издаваат дозволи за градба. По одлуката на Уставен, од Општина Центар изјавија дека ќе продолжат со ревидирање на ДУП-овите, иако во иднина тоа ќе биде потешко во услови кога е укината забраната за градба.

Советот на Центар прогласи мораториум на 31 ДУП уште на почетокот на мандатот на новото општинско раководство, затоа што некои планови не биле изработени согласно законските процедури, а кај некои урбанистичко планската документација не била во согласност со ГУП.  Во изминатиов период до укинувањето на одлуката за запирање на изградбата по старите планови, Центар успеа да преработи само осум, а 23 сега се повторно актуелни и по нив инвеститорите можат да бараат градежни дозволи.

 

Видео на денот