Скопјани слабо селектираат отпад, тврдат нема доволно такви контејнери

Стаклен отпад
Фото: Фејсбук

Во градот има вкупно 455 контејнери за примарна селекција на отпадот, од кои 298 се наменети за селекција на стакло, 131 за селекција на пет-амбалажа и 26 за селекција на хартија.

Скопјани секојдневно фрлаат огромни количества секаков вид отпад, од кој дел завршува во садовите за комунален смет, дел иако засега во многу мали количини се селектира, додека, пак, огромни количества од секаков тип отпад завршуваат на некоја од јавните површини низ градот формирајќи диви депонии. Но, токму при фрлањето на отпадот, малкумина размислуваат да направат негова примарна селекција и така селектираниот отпад соодветно да го одложат во некој од садовите за смет, поставени на повеќе локации во градот, независно од тоа дали станува збор за стакло, хартија или пластика.

Институциите се на став дека треба да се работи на подигнување на свеста на населението за важноста од примарната селекција на отпадот што секојдневно и во огромни количини се создава во домовите. Дел од граѓаните тврдат дека не станува збор за недостиг на желба за селектирање туку на тоа што во  Скопје има малку локации на кои се поставени садови за исфрлање на претходно селектираниот отпад. И додека „се префрла топката“ од граѓаните на институциите и обратно, градот веќе подолго време тоне во смет, а селекцијата на отпадот е сведена на минимум.

Пред неколку денови фрлав тегли. Поради тоа што во близина на зградата во која живеам нема поставено садови за одлагање стакло, бев принудена теглите и другите стаклени шишиња да ги фрлам во обичен контејнер и покрај тоа што од дома го селектирав отпадот. За селекција на отпадот надлежните прво треба да обезбедат услови, а не да ги обвинуваат граѓаните дека не селектираат – сведочи Ања од Карпош.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека целиот овој процес на селектирање на отпадот е исклучително скап и дека тие како претпријатие со години наназад работат според средствата, капацитетите и механизацијата што ја поседуваат. Според нив, иако на голем број локации во Скопје се поставени садови за селекција на отпад, сепак граѓаните знаат повторно да мешаат секаков вид на ѓубре пред да го исфрлат во контејнер, па на терен состојбата честопати е преполни садови за отпад и полупразни контејнери за селекција на стакло, пластика и хартија. Според надлежните од ова јавно претпријатие, граѓаните мора да започнат да селектираат и на тој начин покрај тоа што ќе придонесат кон почиста и поздрава околина, и на нивните вработени значително ќе им се олесни работата околу собирањето на ѓубрето.

ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје има поставено вкупно 455 контејнери за примарна селекција на отпадот на територијата на Градот Скопје, од кои 298 се наменети за селекција на стакло, 131  за селекција на пет-амбалажа и 26 за селекција на хартија. Во претстојниот период планираме да спроведеме и кампања за подигнување на јавната свест околу значењето на примарното селектирање на комуналниот отпад – велат од ова јавно претпријатие.

Кога станува збор за селекцијата на отпад, граѓаните но и надлежните се едногласни дека најголем проблем околу процесот на селекција, подигање и транспорт на отпадот има кога станува збор за медицинскиот отпад. Во време на пандемија кога граѓаните се принудени да користат многу повеќе лекови, но и витамини и антидепресиви, сите оние неискористени медикаменти и оние со поминат рок немаат каде соодветно да ги фрлат. Проблем се јавува и кај луѓето што секојдневно користат инсулин. И овој тип опасен отпад нема можност да се селектира, односно соодветно да се фрли во садови за таква намена, па најчесто таквиот вид опасен отпад се меша со останатото ѓубре од домаќинството.

Од ЈП „Комунална хигиена“ објаснуваат дека тие не се надлежни за собирање и за транспорт на ваков тип опасен отпад, туку нивна работа е собирање и транспорт на отпадот од домаќинствата кој спаѓа во групата на неопасен отпад.

Дека секојдневно на целата територија на градот Скопје се исфрла огромни количини отпад независно дали е селектиран или не, покажува и сликата на терен, односно на голем број локации во Скопје можат да се забележат огромни количества расфрлано ѓубре околу преполнетите контејнери иако според интензитетот на работа, екипи на ЈП „Комунална хигиена“ еднаш дневно вршат собирање на ѓубрето и празнење на садовите.

Според надлежните од ова јавно претпријатие, собирањето на отпадот, редовното чистење но и целиот процес на селекција на ѓубрето кое секојдневно се исфрла од домовите на граѓаните оди многу полесно во деловите во градот каде што луѓето живеат во куќи, отколку на местата каде што има згради и каде голем број семејства фрлаат отпад во неколку контејнери за собирање на ѓубре.

Во моментов, единствено жителите на Влае имаат можност да селектираат отпад со поддршка на вработените во ЈП „Комунална хигиена“, но и со поддршка на Град Скопје. Таму 500 семејства располагаат со по две канти за складирање и селекција на отпад.

Станува збор за пилот-проект за примарна селекција на комуналниот отпад од домаќинствата, кој стартуваше во декември 2019 година. За таа цел, во општината Карпош, во населбата Влае, на домаќинствата им беа поделени 500 канти за селекција на отпадот, што им овозможи да го одвојат сувиот од влажниот отпад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот