Скопјани не знаат како да се ослободат од азбестот на нивните куќи

Жителите на Скопје имаат голем проблем со отстранувањето на азбестните покриви од своите домови, односно со наоѓање фирма што ќе го направи тоа за нив. Азбестот е природен минерал, кој е токсичен и може да предизвика рак, а демонтажа и транспорт на покривите направени од него треба да бидат направени на професионален начин, со заштита за лицата што го отстрануваат, но и за околината, за да не се рашират неговите честички.

Со овој проблем најмногу се соочуваат жителите на Тафталиџе, сопственици на старите бараки што се направени од азбест, па по безуспешна потрага по фирми регистрирани за демонтирање покриви, тие најмуваат изведувачи што ќе ја завршат работата, но не секогаш по правила и прописи. Од граѓанската „02 иницијатива“ велат дека и до нив доаѓаат реакции од граѓани, кои не можат да најдат лиценцирана фирма за оваа намена.

Од Општина Карпош велат дека според Законот за управување со опасен отпад, граѓанинот или инвеститорот што сака да отстрани азбестен покрив или да урне барака од азбестен материјал, задолжително мора да избере лиценцирана фирма – постапувач, која ќе го одложи опасниот отпад по утврдениот протокол. Граѓанинот или инвеститорот треба да го извести за ова и Државниот инспекторат за животна средина.

-Изборот на лиценцирана фирма е на самиот граѓанин/инвеститор, а локалната самоуправа, општината го мониторира (набљудува) и контролира целиот процес. Во случај на незаконско постапување, општината изрекува казна. Ова е начинот, на кој и досега се отстранувале азбестни кровови на куќи во општината. Опасниот отпад задолжително се отстранува рачно, а не машински, со цел да се оневозможат штетни честички во воздухот. Повторуваме дека општина Карпош во ниту еден случај не дозволила и нема да дозволи неправилно постапување со азбестните материјали и загрозување на јавното здравје – тврдат од Карпош.

Недоследности можат да се најдат и во законските решенија, па, на пример, Министерството за животна средина и просторно планирање има правилник што пропишува како правилно да се транспортира и складира овој отпад, но не и како правилно да се демонтира. За негово складирање, тој се носи во депонијата „Дрисла“ каде што има посебна парцела за негово одлагање.

-Капацитетот на депонијата е 1.000 м3 депониран азбест, а во парцелата беше предвидено времено одлагање на 100.000м2 покривна површина – азбестни плочи. Со оглед на тоа што капацитетот на оваа парцела се пополни, во 2019 година се направени два нови рова за складирање азбестни табли со капацитет од 200 м3, кои се соодветно обложени со геотекстил и геомембрана – изјавија од ЈП „Дрисла“ за „Слободен печат“.

Меѓутоа, проблемот е во тоа како тој отпад да се демонтира за да стигне до депонијата. Иако постојат фирми за транспорт на отпад од азбест, како „Еко-тим“, оттаму објаснуваат дека тие не вршат демонтажа на покривите, ниту работат со индивидуални куќи и домови, туку само го транспортираат азбестниот отпад со „Дрисла“.

Поради сето тоа, граѓаните најмуваат изведувачи што не се лиценцирани за демонтажа. Слична е ситуацијата и надвор од Скопје.

-Со азбестен отпад во внатрешноста не се постапува во согласност со Правилникот за начинот за постапување со азбест и производи што содржат азбест. Одговорноста за надзор врз уривање објекти за домување е на градежните и на овластените инспектори за животна средина на општините – одговорија од Државниот инспекторат за животна средина на прашањето дали тие имаат контрола врз демонтажата на старите објекти направени од азбест и за нивното отстранување.

Државата има правила за депонирање, но не и за демонтирање на азбестот

ФОТО+ВИДЕО: Уривањето на една барака во Тафталиџе го наполни воздухот со азбестни честички, жителка се жали на силна алергиска реакција

ФОТО | Реакција по уривањето на барака полна со азбест во Карпош: Урбаната мафија го загадува воздухот, властите не преземаат мерки

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот