Скопјани две години не научија како се фрлаат заштитните маски

маски
Фото: МИА

Употребените заштитни маски претставуваат потенцијален извор на зараза и според епидемиолошките препораки, овој тип отпад треба да биде одложен и уредно спакуван во двојни кеси.

И покрај тоа што поминаа речиси две години откако носењето заштитни маски за спречување на ширењето на коронавирусот стана секојдневие, дел од граѓаните сѐ уште не научија да внимаваат каде ги фрлаат маските што ги употребиле. Како последица на тоа, расфрлани маски по јавните површини, веќе подолг временски период е секојдневна глетка за жителите на Скопје. Па така, низ парковите, на клупите, пред зградите, на тротоарите, па дури и пред кантите за складирање отпад, насекаде можат да се видат расфрлани заштитни маски, но ретко и во кантите за отпадоци каде што им е местото.

Токму како последица на ваквиот неодговорен однос на дел од граѓаните, секојдневно се изложува на ризик здравјето на сезонските работници што се задолжени за одржување на хигиената низ населбите, на вработените во ЈП „Комунална хигиена“, чија работна задача е да го чистат ѓубрето, но се разбира и на случајните минувачи, а најмногу на децата, бидејќи никој не знае дали токму маските што се расфрлани на овој начин, претходно ги носело лице што било болно од ковид-19.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека состојбата на терен воопшто не е променета и покрај тоа што помина подолг период откако властите посочија дека е потребно да се носат заштитни маски. Многубројните апели за правилно складирање на употребените маски, а потоа и нивно соодветно фрлање во отпад, кај многумина не вродија со плод, а на ризик се изложени буквално сите, кои на еден или на друг начин доаѓаат во контакт со неправилно одложеното ѓубре од ваков тип.

-Во текот на изминатите две години екипите на ЈП „Комунална хигиена“ се соочија со големо количество отпад од заштитни маски и ракавици што граѓаните го фрлаат на јавните површини или, пак, несоодветно спакуван го одлагаат во садовите наменети за комунален отпад. Употребените заштитни маски особено претставуваат потенцијален извор на зараза и според епидемиолошките препораки, овој тип отпад треба да биде одложен и уредно спакуван во двојни кеси – објаснуваат од ова јавно претпријатие.

Оттаму апелираат до жителите на Скопје отпадот од заштитната опрема слободно да го одлагаат во садовите поставени на јавни површини, без разлика дали станува збор за надземни и подземни контејнери, канти или корпи за отпадоци.

-Особено е значајно употребените заштитни маски и ракавици да се одлагаат правилно и совесно и тие да бидат соодветно спакувани, со цел да се заштити здравјето на вработените во претпријатието, кои секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран отпад и воедно да се намали ризикот од ширење на вирусот ковид-19 – велат од ЈП „Комунална хигиена“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот