Скопјани дневно трошат и по 300 000 метри кубни вода

Скопје вода чешма
Чешмичка за вода во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Високите температури што во изминатиот период го зафатија Скопје и достигнаа и над 40 степени Целзиусови, значително ја зголемија потрошувачката на вода во главниот град. Според податоците добиени од ЈП „Водовод и канализација“, во овој период потрошувачката на вода надминува 300 000 метри кубни, споредбено со зимските месеци кога потрошувачката на вода на дневно ниво се движи околу 260 000 до 270 000 метри кубни.

Од ЈП „Водовод и канализација“ речиси секојдневно апелираат до граѓаните за рационално трошење на водата. Сепак, надлежните велат дека не можат со сигурност да кажат во колкав процент тоа делува односно колку, всушност, населението ја сфаќа сериозноста на овие апели за рационално користење на водата.

– ЈП „Водовод и канализација“ постојано апелира за рационална потрошувачка на водата што ни доаѓа од природниот извор Рашче, чија обилност освен од потрошувачката, во голема мера е зависна и од климатските промени што се глобална закана. Кога станува збор за совесното однесување на корисниците (домаќинства и правни субјекти) и за тоа колку на нив делуваат апелите, не можеме да кажеме на колкав процент тоа делува, но тоа што можеме да го потенцираме е дека треба да делуваат и дека секој корисник на индивидуално ниво треба да делува со цел да се постигне колективната цел и да се зголеми колективната свест, велат од ова јавно претпријатие, од каде што со бројки ја споредуваат зголемената потрошувачка на вода поради високите температури, односно, како што информираат, во зимските месеци на дневно ниво се движи околу 260 000 до 270 000 метри кубни, додека во овој период надминува 300 000.

Според надлежните, огромната потрошувачка на вода за пиење најверојатно се должи и на фактот што таа многу често се користи и за наводнување на зеленилото во дворовите на луѓето, но и за наводнување на бавчите во приградските населени места.

Токму за да се спречи неконтролираното трошење на бактериолошки исправната вода која е наменета за пиење, од „Водовод и канализација“ неодамна излегоа и со апел до скопјани за рационално и внимателно да ја користат водата за пиење, особено во деновите со екстремно високи температури и особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви.

– Апелираме до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнува полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови, велат од јавното претпријатие.

Исто така, поголемиот дел од зелените површини на територија на Град Скопје се наводнуваат со вода од градскиот водовод. Исклучок од тоа е зеленилото и останатата вегетација во Градски парк, кои се наводнуваат со техничка вода, а со иста таква вода се наводнуваат и зелените површини во парковите во општина Аеродром. За разлика од тоа што дел од зеленилото во Скопје се наводнува со пивка вода, односно со вода од градскиот водовод, улиците и булеварите во главниот град се мијат исклучиво со техничка вода.

Водата која е квалитетна и бактериолошки исправна, а е наменета за задоволување на потребите на скопјани, исто така, со години наназад неконтролирано и неповратно истекува и се губи, како последица на многубројни дефекти.

Од вкупното количество вода, токму поради ваквите дефекти загубата изнесува околу 20 отсто.

Според информации добиени од ЈП „Водовод и канализација“, најчесто дефекти настануваат поради промена на притисокот во водоводната мрежа и тоа во зависност од тоа дали е дневна (зголемена) или ноќна (намалена) потрошувачка како и летен период (зголемена потрошувачка) и зимски период (намалена потрошувачка). Појавата на дефектите е како резултат на комбинација на повеќе фактори, притисокот во системот и материјалот од кој е направена водоводната линија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот