Скопјанецот Трајче Таневски сведочи за борбата со ковидот: Пожртвуваните лекари и сестри од ГОБ „8 Септември“ ни ги спасија животите

Да се биде болен од Ковид 19 е тешко искуство, но среќен сум што и јас и сопругата го пребродивме, вели скопјанецот Трајче Таневски кој неколку недели имал средни симптоми на коронавирусот. Тој за „Слободен печат“ го раскажа искуството кое го имал со заболувањето и ги охрабри сите граѓани кои имаат симптоми да нѐ чекаат, туку да бараат лекарска помош навреме.

Поради болките во грбот, температурата и бронхопневмонијата, но најмногу поради фактот што не било извесно како ќе се развива состојбата, тој неколку пати се пријавил во Ургентниот центар и во инфективната амбуланта во ГОБ „8 Септември“.

– Му благодарам на целиот медицински персонал во ГОБ „8 Септември“ затоа што ми го спасија животот. Иако со сопругата не бевме хоспитализирани, во повеќе наврати одевме во Ургентниот центар и во инфективната амбуланта во болницата. Имајќи досегашни непријатни искуства, бевме воодушевени од целиот персонал, сестрите и докторите. Не очекував, трогнат сум од нивната работа. Никого не го вратија, вели Таневски.

Првично неговите симптоми ги третирал матичниот лекар, но немало подобрување.

– Матичниот лекар ни даваше упатства преку телефон. Меѓутоа, мојата телесна температура почна да се покачува и никако не се симнуваше. Штом ќе поминеше дејството на лековите, повторно се јавуваше. Чувствував изнемоштеност, болки во половината, едвај станував од кревет. Така се борев три четири дена, но кога видов дека состојбата не се подобрува, без упат со сопругата отидовме во Ургентниот центар на „8 Септември“. И жена ми ги имаше истите симптоми како мене, освен што таа немаше бронхопневмонија како мене. Бевме скептични дека ќе нѐ примат. Дежурен беше доктор Душко Циривири. Најљубезно нѐ прими, иако чекалната беше полна со луѓе. Итните случаи беа први, но никој не беше вратен без разлика што дојдовме без упат, објаснува Таневски.

Во ходникот додека чекале, тој со висока температура, а сопругата исто така со симптоми на коронавирусот, се случил уште еден проблем.

– Во моментот додека чекавме во преполна амбуланта, сопругата колабираше. Се онесвести. Сестрите веднаш ја ставија на количка и во рок од 10 минути со некаква терапија и ја вратија свесноста, викнаа невролог и повторно бевме во редот за чекање. Ни земаа крв, ја испратија во лабораторија, направивме снимки на рентген и се вративме дома. Кога дојдоа резултатите добивме и терапија, а за мене утврдија дека имам бронхопневмонија. Ги добив терапиите Панцеф и Сумамед, со сугестија пак да се јавиме после три дена во инфективната амбуланта на контрола, посочува Таневски.

На 26- ти февруари, тој и сопругата повторно завршиле во инфективната амбуланта, зашто повторно им било лошо.

– Докторката нѐ прегледа, ги виде резултатите и ни даде да направиме лабораторија. Следниот ден по резултатите мене ми ја продолжи истата терапија, а на сопругата ѝ ја промени. После 4 дена се почувствував многу подобро, престана да ми се гади од помислата на храна. Треба трпение. Почнавме да јадеме нормално. Веќе на 3 март со лековите почнав и полесно да дишам, помалку да кашлам. Направив контрола, а лекарката ми рече дека пневмонијата е избегната но имам малку потешко дишење. Сепак после две недели од лекувањето се чувствувам многу добро и сакам јавно да им се заблагодарам на сите од ГОБ „8 Септември“ кои несебично се залагаа за нашето здравје како и на тие лекари кои нѐ охрабруваа да одиме да се прегледаме и да нѐ чекаме да ни стане полошо. Не знам како поинаку да им се заблагодарам освен јавно да ги споменам – доктор Душко Циривири, Емилија Димитриева, Ивана Велноска и сестра Роска Столевска, завршува Таневски.

Во ковид амбулантата во ГОБ „8 Септември“ секојдневно има голема фреквенција на луѓе кои бараат помош поради симптоми на ковид – 19 и се вршат околу 230 прегледи. Пандемијата со коронавирусот повторно забрзано ги исполнува болничките капацитети, но не со оној интензитет од ноември, кога состојбата беше најтешка, па затоа не се предложени нови рестриктивни мерки.

Минатата недела, според податоци на Институтот за јавно здравје, има зголемување на бројот на заразени за над 50 проценти споредено со неделата претходно. Причината е британската мутација на вирусот, која е за 70 проценти попренослива.

Мерките за носење маска, одржување социјална дистанца и негрупирање се на сила додека се чекаат вакцините најавени за март. Засега се вакцинирани само здравствените работници од ковид центрите, кои ги примија донираните дози од Србија од производителот Фајзер.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот