Скопјанец осомничен за предизвикан пожар врз автомобил и поседување оружје

Фото: МВР

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 36-годишно лице за кое постои основано сомнение дека сторило две кривични дела – Тешки дела против општата сигурност според член 292 став 1 во врска со член 288 став 1, како и Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

На 4 јануари, на улицата „Јабланица“ во Скопје, осомничениот полеал паркиран автомобил „Ауди“ со запалива дериватна течност и со запалка ја активирал. Со ова тој предизвикал силна експлозија и целосно опожарување на автомобилот со штета во вредност од 450.000 денари, како и делумно опожарување на автомобил „Форд мондео“, кај кој била предизвикана штета од 10.000 денари. По експлозијата, сопственикот на автомобилот Ауди излегол на терасата од неговата куќа и го забележал осомничениот како бега од местото.

При претрес во домот на осомничениот на 5 јануари, полициските службеници пронашле полуатоматски пиштол марка „Црвена застава М57“ со калибар 7,62Х25 мм, два куршума во рамка, како и дополнителни 54 куршуми.

Бидејќи постои опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците и да ги повтори кривичните дела, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.​​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот