Склучен договор од 228 милиони денари: Пет општини ќе добијат нови градинки

Фото: МИА / илустрација

Договор за изградба на пет градинки, денеска со Министерството за труд и социјална политика потпишаа општините Крива Паланка, Ѓорче Петров, Струмица, Ресен и Боговиње, со вкупна сума од 228 милиони денари.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која со градоначалниците го потпиша договорот, рече дека Владата поставила цел да го зголеми за 50 проценти опфатот на деца во предучилишно образование или да се постигнат 50 проценти од вкупниот број на деца во нашата држава да бидат вклучени во предучилишното образование за четири години.

– Јас сум сигурна дека тоа ќе го постигнеме затоа што ентузијазмот кај градоначалниците, локалните самоуправи, Министерството, Владата и премиерот е навистина големо. Сметаме дека со вистинска инвестиција кај децата на најмала возраст можеме да постигнеме најмногу и најмногу да го унапредиме нашето општество затоа што тие деца кои се вклучени во предучилишно образование постигнуваат подобри резултати во основно и во средно образование, но понатаму стануваат попродуктивни граѓани што директно треба да ја движат економијата на нашата држава, истакна Царовска.

Министерката потсети дека во август беа потпишани договори со општините Кавадарци, Неготино, Кочани и Кисела Вода и дека тие веќе се тендерирани како набавки за изградба на детски градинки кои, според неа, ќе бидат изградени наредната година.

– На листата имаме дополнителни општини коишто треба да ги исчистат своите проекти за да може да склучиме дополнителни договори и со нив и наредната година ќе има нов јавен повик. Секако сето ова е со поддршка на Светската банка, рече Царовска.

Струмичкиот градоначалник Коста Јаневски, кој е еден од денешните потписници на договорот за изградба на градинка, рече дека овој проект од исклучителна важност Општина Струмица бидејќи со капацитетите за оваа најмлада категорија на сограѓани долго време наназад, општината имала проблеми.

– Редовно со години наназад дозволувавме поголем број дечиња во капацитетите што ги имавме и тоа беше еден проблем кој е сериозен за нас и тешко решлив и зависеше од разбирањето на централната власт, истакна Јаневски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот