Скендеровски: Бодот против Србија е рамно на светско чудо!

фото: ФФМ

Херојска партија на избраниците на селекторот Васко Скендеровски на денешното гостување играјќи реми 1:1 во Врање против Србија.

Македонската футсал репрезентација со ова реми ги одржува шансите за пласман на Европското првенство. Скендеровски после натпреварот изјави дека на крајот и среќата беше на страната на неговите играчи:

– Честитки за момците. Тие се најзаслужни за еден од најголемите резултати кој нашата футсал репрезентација го има постигнато во својата историја. Да се освои бод против една селекција која е од првиот барабан по квалитет, а ние од последниот, четврти и тоа на гостински терен е рамно на светско чудо.

Навистина имавме и среќа, но таа ги следи храбрите. Не посочувам никој посебно, но голманот Петровски кој правеше чуда. А, еден човек има огромна заслуга, не беше на теренот, но беше до мене и навистина ни помогна многу со анализите, а тоа е Мато Станковиќ.

Кога ќе се додаде дека на овој натпревар бевме без двајца играчи од стартната постава, Даниел Де Соуза и Ранготов, навистина сме многу горди како ја претставивме Македонија во Врање. Сега малку одмор и од утре треба да размислуваме за натпреварот во вторник против истиот противник. Вратите за пласман на ЕП ни се ширум отворени, сега треба паметно, да одиме чекор по чекор – се зборовите на Скендеровски на официјалната фејсбук страница на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

На табелата во квалификациската група „4“ после три кола води Босна и Херцеговина со девет бодови која веќе слави пласман на континенталниот собир, а по два бодови имаат Романија, Македонија и Србија.

На ЕП ќе се пласираат првопласираните од сите осум квалификациски групи, како и шест најдобро второпласирани, а седмата и осмата најдобро второпласирана селекција ќе играат бараж.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот