Скапо платена грешка: Како Орбан поттикна обединување на опозицијата во Унгарија

Фото: Профимедиа

Резултатите од вчерашните локални избори во Унгарија се еден од поголемите удари за Виктор Орбан во изминатиот период. Опозицијата ја „освои“ главната премија – Будимпешта – но и поголемите градови, а Фидес на премиерот победи главно во руралните делови. Орбан сигурно не е задоволен со резултатите, но она што можеби е уште поголем проблем за него е фактот дека самиот ѝ даде „ветер во грбот“ на опозијата и ѝ го покажа патот до победа, анализира српски „Блиц“.

Поголемиот дел од аналитичарите тврдат дека клуч за успехот овој пат, за разлика од локалните избори во 2014 година и парламентарните избори во 2018 година, е обединувањето на опозицијата.

Конкретно, во Будимпешта зад Гергељ Карачоњи (44) застанаа сите опозициски партии, освен ултрадесничарската. Иако не го поддржаа, крајната десница одлучи да не ја отежнува работата на другите опозиционери, па не понудија свој кандидат. Тоа се покажа како многу корисна стратегија за победа во главниот град на Унгарија.

Како опозицијата конечно се обедини?

На овој чекор ги натера самиот Виктор Орбан со измените на изборниот закон уште во 2012 година. По убедливата победа на изборите во 2010 година, Орбан го искористи двотретинското мнозинство во парламентот за менување на изборните услови. Конкретно, неговата партија изгласа измена на Уставот со која на граѓаните им се овозможува гласање на изборите само ако претходно се регистрираат лично или по електронски пат.

Опозициските партии и активисти оваа промена ја гледаа како обид сиромашните гласачи кои не се поддржувачи на Фидес, да се оддалечат од гласачките кутии. Опозицијата ја обвинуваше владата дека го трасирала патот за изборни нерегуларности, а еден од најгласните критичари всушност беше Гергељ Карачоњи, човекот кој вчера го победи кандидатот на Орбан во Будимпешта.

Опозицијата сепак се одлучи на изборите по 2012 година да настапи на повеќе фронтови, но тоа не ги даваше посакуваните резултати.

– Конечно сфатија дека поради посточекиот изборен закон и фрагментирана опозиција нема шанси за победа. Нивните ресурси и така се ограничени, па мораат да соработуваат на изборите – објаснуваат експертите.

Колку Орбан го чинеше обединувањето на опозицијата?

Унгарската опозиција победи во четири од петте најголеми градови во таа земја, а главната победа е во Будимпешта.

Повеќе анкети укажуваа на извесна борба, особено во Будимпешта, каде гласчкото тело се смета за полиберално. Доказ во прилог на таа теза е фактот што на претходните парламентарни избори опозицијата освои повеќе гласови од власта во престолнината. Сепак, тие анкети не беа толку наклонети кон опозицијата воочи на самите избори.

Некои анкети предвидуваа дека кандидатот на Орбан, Истван Тарлос ќе освои 49 отсто од гласовите, а Карачоњи околу 44 отсто. Конечниот резултат беше дијаметрално спротивен – Карачоњи доби 50, а Тарлос 44,8 отсто гласови.

– Ова е првиот чекор кон промените во Унгарија. Будимпешта ќе ја вратиме во Европа – напиша новиот градоначалник на унгарската престолнина.

Сепак, познавачите на состојбите сметаат дека овој пораз не е само симболичен. Во главниот град на Унгарија живее речиси една петтина од населението на земјата која брои околу десет милиони луѓе. Сепак, Будимпешта е одговорна за повеќе од третина на економијата на земјата и има огромна улога во сите слоеви на националниот живот.

Колку е голем овој резултат за опозицијата покажува и фактот што на изборите во 2014 година ситуацијата беше сосема спротивна – партијата Фидес на Орбан победи во четири од петте најголеми градови, а опозицијата само во еден.

Сепак, и покрај поразот во Будимпешта и во поголемите градови, на вчерашните избори Фидес победи во повеќе окрузи во руралните средини.

Покрај разочарувачките резултати, аналитичарите очекуваат Орбан кој ја предводеше Фидес до убедливи победи на сите парламентарни избори од 2010 година, да продолжи со цврстиот стил на владеење кој вклучува антимигрантска политика, сѐ поголема доминација над медиумите и концентрација на власта околу кабинетот на премиерот, пишува „Вашингтон тајмс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот