Скапо било да се одржуваат фонтаните: Општина Аеродром во нив ќе сади цвеќиња

Фото: Фејсбук

Сите фонтани на територијата на Општина Аеродром, кои според проценката на локалната власт се нефункционални, ќе се наполнат со земја и во нив ќе се насадат цвеќиња и други растенија. На тој начин Општината, како што велат од таму, ќе заштеди на скапото одржување на фонтаните.

– Адаптацијата има не само економска логика, туку и еколошка! Имено, фонтаните кои се стари повеќе од 10 години (во случајов 12), се неисплатливи (скапи) за одржување. Токму затоа, во развиениот свет се адаптираат во зелени (еколошки) оази. Кој прошетал-видел и знае! Кој не, ете има шанса да види и научи. Накратко, ја носиме најдобрата европска пракса дома – се вели во објаснувањето од Општина Аеродром на стотината коментари под објавата дека некогашната фонтана во близина на ТЦ „Бисер“ е претворена во катче хортикултурно уредено со најразлични цвеќиња и зимзелени дрвја.

Градоначалникот Златко Марин пак, на својата фејсбук страна тврди дека ова се прави по барање на граѓаните.

– Се одлучивме за ваквиот чекор поради барањето од граѓаните од тој дел на општината. Во наредниот период хортикултурно ќе ги уредиме и другите нефункционални фонтани, кои за аеродромци ќе претставуваат вистинско зелено катче каде што ќе можат да уживаат во пролетните и летните денови – напиша Марин.

Тој уште додава дека остануваат посветени на создавање нови зелени површини и хортикултурно уредени катчиња.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот