Скапите ампули со кои Трамп се излекува од ковид-19, нова надеж во борбата против вирусот

ковид-19, амбуланта
Ковид-амбуланта во Скопје / фото: МИА

Ампулите се скапи, околу 2 илјади евра во доза и бараат посебни услови за чување, мерење на температурата и единствено во земјава ги има на Инфективната клиника. Не може да ги прими секој, туку само тој пациент за кој ќе процени лекарот дека треба.

Терапијата за лекување ковид-19 со моноклонални антитела која на јавноста ѝ стана позната откако поранешниот претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека ја примал и се излекувал успешно, предизвика огромно внимание во земјава.

Министерството за здравство ги набави овие ампули на средината на летото и тие беа дистрибуирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, во континуиран ладен синџир. Ампулите се скапи, околу 2 илјади евра во доза и бараат посебни услови за чување, мерење на температурата и во земјава единствено ги има на Инфективната клиника.

„Слободен печат“ ја праша директорката на Инфективната клиника доктор Милена Стевановиќ какви се досегашните искуства од ординирањето на оваа терапија, кај кои пациенти се дава и каков е исходот од лекувањето. Таа ни посочи дека резултатите од лекувањето на ковид-19 со моноклонални антитела се на задоволително ниво.

– Моноклоналните антитела се антитела што се даваат кај пациенти со ковид кои не развиле клинички слики, не се кислородно зависни, а притоа имаат сериозни коморбидитети што можат да доведат до фатален исход. Досега на Инфективната клиника, оваа терапија ја аплициравме кај млади пациенти со акутни хематолошки заболувања, со трансплантации, односно кај пациенти со малигна болест на почеток, а не во терминален стадиум. Кога им се аплицираше оваа терапија, симптомите останаа многу слаби и не развија тешка болест. Досега сме ја дале оваа терапија кај дваесетина луѓе – ни рече доктор Стевановиќ.

Набавените количини се доволни за околу 1.200 пациенти, а за да се аплицираат моноклоналните антитела според македонскиот протокол, пациентот мора да има барем неколку хронични заболувања, или да е имуносупримиран, но со перспектива, односно малигното заболување да не биде во терминална фаза. Се препорачува да ја примат и млади пациенти со бубрежни болести и хронични дијабетичари.

Светската здравствена организација (СЗО) пред три дена ги воведе моноклоналните антитела во својот официјален протокол за лекување ковид-19, со строга индикација да се даваат кај пациенти со највисок ризик од хоспитализација, затоа што според нив, има огромен интерес кај пациентите во почетните стадиуми на ковид да ги примат овие ампули.

Базирано на податоци од 4.722 пациенти, СЗО во протоколот наведува дека моноклоналните антитела имаат голем ефект во намалување на смртноста, најверојатно го намалуваат ризикот од хоспитализација, не предизвикуваат алергии, кога ќе се прекине администрацијата на лекот, не се појавуваат несакани ефекти.

Ампулите првпат пристигнаа во земјава на 16 јули. Тие се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Парите за купување на терапијата се обезбедени од Светска банка, од проектот за итно справување со кризата предизвикана од ковид-19. Производител на моноклоналните антитела е швајцарската фармацевтска компанија „Рош“, а освен во земјава, моноклоналните антитела беа дистрибуирани и во Норвешка и во 19 земји од Европската Унија.

Терапијата се аплицира кај нехоспитализирани пациенти што се лекуваат од ковид-19 и со ова се очекува да се намали потребата од хоспитализација на пациенти. „Казиривимаб“ и „Имдевимаб“ е коктел од две моноклонални антитела дизајнирани специјално да ја блокираат инфективноста од Сарс-Ков 2 вирусот, кој го предизвикува заболувањето ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот