Скапата машина пресадува само дрва со тенко стебло

Специјалната машина, за која пред четири години беа платени околу 10 милиони денари, се користи само кога тоа го дозволуваат условите, но најчесто на локации каде нема инсталации поставени плитко под земја.

Многу позитивни реакции во јавноста предизвика информацијата на Град Скопје дека, наместо да се сечат, се пресадуваат дрвјата кај хотел „Русија“ за изградба на новиот мост на булеварот „АСНОМ“ во Аеродром. Пресадувањето се вршеше со специјална машина, набавена уште во 2016 година, но јавноста досега немаше прилика да види дали таа се користи во практика. Најчесто, дрвјата кои се наоѓаа на траса каде беше зацртано проширување или пробивање на нова улица или булевар се сечеа, што предизвикуваше револт кај скопјани. Затоа, граѓаните бараат да се користи оваа машина во секоја прилика и да не се сечат дрвата, особено старите кои се вистинско богатство на Скопје.

– Посочената машина се користи од страна на ЈП „Паркови и зеленило“ на оние локации каде условите го дозволуваат тоа. Истата е набавена во 2016 година, таа е од италијанската марка „Ивеко“ со специјална механизација неменета за пресадување дрвја – велат од Град Скопје.

Оттаму објаснуваат дека оваа машина и досега често се користела на повеќе локации. Со неа се пресадувале дрвја на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, Парк Македонија, на градскиот плоштад, но и на многу други локации каде тоа го дозволуваат условите.

 

– Машината може да пресадува дрвја со ширина на стеблото од максимум 40 сантиметри и истата и досега се користеше од страна на претпријатието на локации каде може да се искористи. Таа е гломазна и не е најповолна за користење во урбаните средини, од причина што коренски систем на засадените дрва е во близина на подземни инсталации и со тоа се оневозможува нејзиното почесто користење – објаснуваат од Градот.

Така, според нив, за да се пресади дрво е потребно да се направи дупка со длабочина од околу 1,2 метри, додека во урбаните средини во Скопје можат да се пронајдат подземни инсталации на длабочина и од 50 – 60 сантиметри.

Машината за пресадување дрвја, која во 2016 година ја набави претходната градска власт на чело со тогашниот градоначалник Коце Трајановски, има четири лопатки кои додека се отворени достигнуваат дијаметар од 1,5 до 2,7 метри, додека кога се затворени ширината на дијаметарот е од 1,7 до 2 метри. Поради тоа, таа не е многу погодна за употреба во урбани средини.

За набавката на возилото „ивеко“, на кое е инсталирана дополнителна механизација и електроника за пресадување дрвја, се потрошени околу 10 милиони денари, средства што беа обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот