СКАНДАЛОЗНО Не седат во самоизолација и заразуваат нови луѓе со Ковид-19

Фото: Драган Митрески

Со непочитување на изолацијата заразените со коронавирус заразуваат нови луѓе, рече во одговор на прашање на ,,Слободен печат” министерот за здравство Венко Филипче.

Прашањето се однесуваше на тоа дека постојано Министерството за здравство тврди дека новозаразените се од истите семејства и од истите кластери, а сепак се заразуваат нови и нови луѓе. Како ова се случува, доколку пациентите со коронавирус седат во изолација?

-Со непочитување на изолацијата. А контролата се прави преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат. ДСЗИ на ден или два ги контролира овие пациенти и оттуката констатацијата врз основа на увидот е дека има прекршување на тоа решение за изолација. Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој ги издава решенијата е практично одговорен и за контрола на процесот. Врз основа на овој увид кој што е направен вчера известено е МВР за соодветни казни – рече Филипче.

Граѓани со решение за самоизолација се шетаат надвор и затоа министерот Филипче побара МВР да е поажурно и да врши поголема контрола и да ги санкционира тие што не ги прекршуваат мерките.

– Пак ќе воведеме рестрикции на некое место, согласно бројот на новодијагностицирани ако епидемиолошката состојба тоа го наложи. Врз основа на новодијагностицираните и анализата дали биле претходни контакти мислењето е дека ова е една варијација во однос на бројката и дека нема да биде тренд. Затоа не се носи таква одлука. Проверката покажа дека тие веќе биле познати контакти. И затоа ставаме акцент на почитување на мерката за самоизолација. Сега нема одлука за воведување вакви мерки но интензивно ќе пратиме и за време на викендот и на почетокот на следната недела после што ќе се носат евентуално такви одлуки – додаде министерот.

Во Тетово е констатирано дека не се почитува самоизолацијата и сите изречени мерки, носењето маски и дистанцата. Во Штип вработените во конфекции биле превезувани со автобуси во кои имало преголема гужва, а внатре се возеле вработени во сите локални конфекции. Во една конфекција во Штип има 17 заболени и 70 контакти што се во изолација.

Филипче рече дека пациентите не кажуваат со кого биле во контакт, даваат лажни адреси и не може да им се достави решение на самоизолација. Во Сарај, Чаир Гази баба Бутел и Аеродром има најголема концентрација овие денови на новозаболени и тоа зашто не се почитуваат мерките на самоизолација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот