Скандалот во кампот го минира сексуалното образование во училиштата?  

Млади во парк. / Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Стремежите за воведување сеопфатно сексуално образование во училиштата не смеат да бидат блокирани или прекинати поради скандалот со секс-сцени во извидничкиот камп, сметаат експертите.

Скандалот со секс-сцените за време на извидничкиот камп не смее да ги блокира или да ги исфрли од колосек стремежите за воведување сексуално образование во основните и во средните училишта, децидни се експертите и одговорните во образованието.

Во 2019 година Владата донесе одлука за спроведување пилот-програма за сексуално образование во деветто одделение, со цел да се воведе нов наставен предмет наречен „Сеопфатно сексуално образование“ и за идентификување на национални стратегии за подобрување на содржината на сексуалното образование во наставата. Планот е до 2025 година предметот да биде воведен во сите училишта.

– Оваа учебна година одиме со само четири училишта, во наредната би опфатиле десет проценти од сите, што значи околу 40 училишта. Тоа не значи дека во сите тие училишта во кои ја шириме мрежата и обучуваме наставници, ќе биде реализирано сеопфатно сексуално образование, затоа што предметот ќе биде изборен – вели за „Слободен печат“ Ајше Ајрулаи, раководителка на сектор во Бирото за развој на образованието.

Ајрулаи појаснува дека со сеопфатното сексуално образование ќе се овозможи целосен развој на учениците, ќе бидат поинформирани за нивното здравје и тело и, пред сè, ќе бидат заштитени од секаков вид злоупотреба.

Една од тие злоупотреби сè уште ја бранува јавноста. По скандалот поврзан со „сексуалното образование“ во извидничкиот камп, што заврши со истрауматизирани деца и со кривични пријави, не стивнуваат реакциите од родители и од воспитно-образовни стручњаци. Кампот го организираше  Првиот скопски извиднички одред.

– Не сме меѓу училиштата во кои почнува сексуалното образование, но тоа што слушнав дека се случувало во кампот е за секаква осуда – изјави Андреја Стојанов, директор на основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“.

Град Скопје го прекина договорот со Првиот скопски извиднички одред и се огради од тамошните активности во кои децата си боеле интимни делови од телото и ги пресликувале на хамер, симулирале секс-пози со краставица и со кукла на надувување.

Програмата за предметот „Сеопфатно сексуално образование“ е сработена од Бирото за развој на образованието и од министерствата за образование, за труд и социјална политика, за здравство и за  финансии, како и организацијата ХЕРА, која соработува со МОН со своите проекти за сексуално образование за млади.

Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА, за „Слободен печат“ изрази загриженост дека поради скандалот во кампот, постои опасност да се стигматизира сексуалното образование за млади кое има позитивна улога и појасни дека она што се случило таму не е сексуално образование туку сексуално вознемирување.

– Сега се соочуваме со можност за неефикасно спроведување на училишниот проект. Може родителите да повлечат дел од децата и затоа институциите треба да преземат нешто. Македонија е конзервативно општество, младите не разговараат со родителите на овие теми. Експертите се едногласни дека се потребни подобрувања на процедурите и протоколите за правење на вакви активности, а не е решение сето тоа да се прекине – вели Јовановски.

Проектот на Владата за сексуално образование засега ги опфаќа училиштата „Јан Амос Коменски“ во Карпош, „Кузман Шапкарев“ во Кисела Вода, „Лирија“ во Чаир и „Братство Мигени“ во Тетово. Од БРО претходно соопштија дека вкупно 14 наставници биле обучени за сите теми, согласно со последните препораки на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години, а тоа се: род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, сексуалност, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото, и врски и односи.

Елизабета Ивановиќ, психолог од училиштето „Јан Амос Коменски“, е вклучена во пилот-проектот.

– Јас како психолог и како просветен образовен работник со долги години искуство, потврдувам дека програмата е соодветна за деца од 13 и 14 години и е правена по највисоките стандарди. Според законот, училиштата може да воведуваат експериментални програми, ако се одобрат од МОН и од БРО. Наставниците се обучени, а целта на програмата е превентивна. Се однесува на комплетното здравје на децата, во овој пандемиски период тие се изложени на многу предизвици. Децата се многу љубопитни. Во програмата се говори за врските, ги учиме и да не потклекнуваат под никакви насилства. Нам ни требаат вакви превентивни програми – вели Ивановиќ за „Слободен печат“.

Таа објаснува дека родителите биле запознаени со целиот проект, дека наставниците поминале низ силни обуки со врвни едукатори, како Николина Кениг од Институтот за психологија на УКИМ, дека сè е поставено интерактивно и транспарентно.

Училиштето е главен извор на информации за младите во врска со сексуалноста во развиените земји.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот