Скандалот наречен македонско образование – Слободен печат
Ви ПрепорачувамеКолумни

Скандалот наречен македонско образование

Не сме далеку ни од неопходноста да се најмат меѓународни професионални фирми за барање работна рака низ светот – од Кина до Африка и арапските земји. Ама кај нас за десет влезени мигранти – паѓа владата! Овде ни келнери не сакаме ако немаат „исправно“ потекло. Што остана за анестезиолози, индустриски технолози или заварувачи... Ќе ни ја загрозат „семката“, којашто ние само што самите не сме ја пресушиле!

Мислам дека е првокласен општествен скандал што луѓето од економските сектори во владата и оние во самото стопанство постојано говорат за погрешниот образовен систем којшто се разви во државава во последните дваесетина години, а надлежното Министерство за образование и наука, како и огромната образовна фела во државава никако не успева да се мобилизира за да ја обмисли и конечно да ја покрене егзистенцијалната општествена образовна реформа!

Сите ламентираат врз состојбите, секој се жали на секого: нема пари, нема политичка волја, нема автономија, нема ова, нема она… И така поминува уште една и уште една и уште година без суштински промени. Во законските одредби за образованието постојано се интервенира парцијално, палијативно, политикантски и без јасна стратегија за тоа каде оди целиот образовен систем.

Во меѓувреме, во Македонија бројот на факултети е поголем од бројот на средни училишта; недостасуваат цели професии од разни технички науки и занаети суштествени за развојот на стопанството; важни странски инвеститори се откажуваат од вложување во земјава заради немање адекватна индустриска работна рака… Неодамна претставник на една од најголемите овдешни фирми во областа на металната индустрија со очај во гласот ми раскажуваше дека, и покрај освоените странски пазари каде што извезуваат без проблем, веќе идната година ќе треба да затворат некои од погоните бидејќи – нема кој да работи во нив. Им недостасуваат стотици квалификувани работници!

И на оваа влада ѝ поминува мандатот без осмислена политика и делотворни резултати во оваа реформа. На врвните политички позиции во образованието се прават политикантски кадровски пазарења. Ништо што започнало не се завршило, само анализите се бескрајни и никогаш завршени.

На барем неколкумина големи македонски бизнисмени десетина години наназад им ја образложувам потребата, а и цврстата бизнис-логика, финансиски да поддржат отворање на едно странско средно училиште – германско, со кадар донесен од тоа говорно подрачје и со стручниот дел од програмата на учење на германски јазик – од техничка насока… Со адекватна германска образовна програма, минимално прилагодена на нашите законски стандарди. Мислам дека потенцијалот за уписи на средношколци во такво училиште ќе се мери во многу стотици деца годишно. Дел од нив ќе сакаат и ќе можат да продолжат на студии во тие области, дел можеби ќе бараат шанса и да заминат од земјава, но голем дел од така обучените кадри ќе можат да бираат каде ќе се вработат веќе на 19-годишна возраст. И да живеат многу попристоен живот од ова што денеска го нуди нашето образование… Бројни македонски фирми би стипендирале свои кадри во такво средно образование, ако тоа им гарантира стручна работна рака по само три-четири години школување.

Сите го разбираат потенцијалот на идејата – и никој не се нафаќа да вложи во нејзино спроведување.

Не сме далеку ни од неопходноста да се најмат меѓународни професионални фирми за барање работна рака низ светот – од Кина до Африка и арапските земји. Ама кај нас за десет влезени мигранти – паѓа владата! Овде ни келнери не сакаме ако немаат „исправно“ потекло. Што остана за анестезиолози, индустриски технолози или заварувачи… Ќе ни ја загрозат „семката“, којашто ние само што самите не сме ја пресушиле!

Во меѓувреме, продолжуваме да произведуваме правници и бизнис-менаџери во количества доволни за цел Балкан. И никому ништо. До следната стручна анализа.

Извор: Цивилмедиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close