СКАНДАЛ: Профитери од Виница преку прозорец „тестираат“ за корона, а пациентите самите си го земаат брисот!

Фото: EPA-EFE/DIEGO AZUBEL

Пациенти од Виница, се јавувале кај матичните лекари за да им кажат дека се „негативни“ на коронавирусот, откако дома им дошол некој да ги тестира со тест „кој покажувал една или две цртки“и „се правел со една капка крв“.

Според нашите извори кои се матични лекари во Виница, ваквото тестирање, кое е сосема незаконско, медицински неиздржано, нерелевантно, опасно и претставува општа закана за јавното здравје, го извршувале лица со сопствено возило и за него наплаќале 1000 денари.

За ваквата појава добивме потврда од два независни извори во Виница.

Станувало збор за луѓе без никакво медицинско образование, без никаква медицинска експертиза, без никакво медицинско искуство, кои што на грбот на граѓаните суспектни на Ковид 19, дебело профитираат!

-Се случува ситуација, каде што по куќи одат и тестираат со брзи тестови кои ги наплаќаат 1000 денари и тоа луѓе кои не смеат тоа да го прават. Со приватно возило по куќи тестираат. Пациентот потоа вели негативен бил, а ние сме доктори и знаеме дека не може со една или две цртки да се потврди дали си негативен или позитивен. Што се случува, имено до сега имаме пет или шест вакви случаи, кога наши пациенти ни кажуваат дека веќе се тестирале дома. Има два начина на кои што се прави тестирањето. Телефонски се договараат, и ,,тестирачите” преку прозорец им подава лента и им дава стапче. Им вели да си земат самите брис од нос и од грло и да го намачкаат на лентата и зависно од тоа дали им покажува една или две цртки, да видат дали се позитивни или негативни. Потоа таквите пациенти се јавуваат кај нас, со сите симптоми на Ковид! Не добиваат ниту документ дека се позитивни или негативни, зашто ова се прави на црно, нема фискална сметка, нема ништо! И сопругот и сопругата си се позитивни сега и ги водиме кај нас во системот, велат нашите доброупатени извори кои што ги водат граѓаните што во домашни услови се тестирале на ваков комплетно нелегитимен начин.

Друг извор ни рече дека ваквата појава во Виница трае подолго време, дека ,,закажувањата” се прават телефонски и дека покрај самотестирањето со брис, имало и самотестирање со капка крв.

-Маж и жена се тестирале и на друг начин. Прво телефонски се договориле да им биде донесен тестот, човекот дошол со сопствено возило. Им дал пластична лента која што личи на топломер, ланцета (игличка) и мажот ја боцнал жената, жената го боцнала мажот и после капнале врз пластичната лента и се појавувале една или две линии, слично на тест за бременост. Вакво нешто начувме дека се случува и во Кочани. Тестовите наводно биле набавувани од Турција. Самите пациенти ни кажуваат дека имале симптоми, направиле тест, ние не можеме да им поверуваме на ушите. Едниот ваков тест е направен пред неколку дена, другиот пред десетина дена, значи дека ова е стандардна појава, додава нашиот извор од лекарските кулоари.

Тие додаваат дека со вака немедицински потврдени методи, граѓаните лажно добиваат слободата да одат на работа и нормално да функционираат во секојдневниот живот, загрозувајќи го и своето и здравјето на околината.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за „Слободен печат“ велат дека за да постапат во овие конкретни случаи, потребна им е пријава со конкретните пациенти и конкретните луѓе што го вршат ваквото тестирање, а дека примарно за ваквата појава надлежни се Министерството за внатрешни работи.

Видео на денот