Скалпел за судиската гангрена

Сега сме на работ кога јазичето на вагата на државниот и националниот интерес дефинитивно мора да натежне кон вистинските цивилизациски вредности, за генерален ремонт на правниот систем и проветрување на кадровското жабокречие. Елиминирање на гангренозното ткиво и разгромување на спрегата на делот од судискиот ешалон, со персоните од криминалното подземје и моќниците од политичките води.

Условната казна за предизвикувач на смрт и уште за убиство на едно сѐ уште неродено дете, испровоцира лавина од реагирања. Граѓаните го исфрлија од себе својот гнев како реакција на една, судено според нивните природни човечки и вродени мерила за правда, несоодветна судска пресуда за одземање живот.

Знаеме да речеме – одземен е „нечиј живот“, а всушност, тоа е наш живот. На наше дете, на мојот и твојот човек, брат, другар, познат, близок, далечен, сограѓанин, сонародник. Човек. Ништо во нас не пулсира издвоено, самостојно и независно од другиот, на кого можеби и не му го знаеме името, а сепак е во нас.

Како ретко кога, овој пат гласот на јавноста здушно застана во одбрана на еден живот, како за наш живот, што е тревожен знак дека чашата се прелева и не е во состојба во себе да го консумира сето количество на насобраната граѓанска жолч. Да го апсорбира во себе цунамито од незадоволство од нашиот, до апсурдни размери руиниран судски механизам. Кородиран од корумпираност. Од неетичност. Тромбозиран. Со затапени рефлекси за неговата клучна улога за функционирањето на еден општествен систем.

Овде не е во прашање само грешниот аршин со кој степенот на вината на еден грешник го мерела една судијка, наспроти сите забелешки за нејзиното професионално портфолио. Кај нас, на овој мал простор, повеќе од очигледно, повеќе од алармантно е дека зарибан е комплетниот правен механизам.

Не би се согласил дека за негово реформирање треба да го примениме методот од пред илјади години што е забележан на една од страниците од историјата на античкиот гениј, Херодот. Но, тоа доволно потврдува дека поривот за право и правда е со древни корени и легитимација за моралните вредности на човечкиот род во сите историски епохи.

Херодот забележал дека, кога еден судија, во она дамнешно античко време, не се придржувал на правните норми, ја злоупотребувал својата позиција на делител на правда, по итна постапка од советот на мудреци бил сменет од должноста, а на негово место бил наименуван друг. Но новиот судија бил седнат на судиското столче врз кое била поставена свежо одраната кожа од телото на сменетиот грешен судија. Абер како ќе заврши, доколку и тој нов делител на правда тргне по корумпираната патека на претходниот.

Ние сме далеку од овие канибалски сцени. Меѓутоа, факт е дека ни се неопходни потфати со кои на многу судии треба да им се извлече од под засмрдениот задник судиското столче, за дефинитивно од позицијата на тој нивни морален дебакл, од таа жабја перспектива, да ја погледаат нивната авторска креација, хорорно хаотичната  голема слика на македонското правосудие, на која доминираат мрачните бои на судискиот, обвинителскиот, па ако сакаме да бидеме пореални, и на адвокатскиот (не)морал со кој со децении до беспокој ни ги дразнат сетилата.

Класични убијци, морални злосторници, политички идиоти, криминалци од разни бои и калибри, многубројни анационалци што ги распродаваат нашите национални вредности и доблести, неказнето ги уживаат благодатите на заробената правда, која кај нас е прерасната во трговски артикл, достапен, главно, на оние со голема куповна моќ.

Сега сме на работ кога јазичето на вагата на државниот и на националниот интерес дефинитивно мора да натежне кон вистинските цивилизациски вредности, за генерален ремонт на правниот систем и проветрување на кадровското жабокречие. Елиминирање на гангренозното ткиво и разгромување на спрегата на делот од судискиот ешалон, со персоните од криминалното подземје и моќниците од политичките води. Новата влада го навести тој ветер. Проветрувањето е неминовно. Мора да се употреби вистинскиот скалпел за отстранување на гангренозниот дел од правниот систем. Правда за сите. Секој живот е наш живот!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот