СЈО беше тврдина, сега стана таргет

Фото: МИА

Неизвесно е што ќе се случи со Специјалното јавно обвинителство, чиј мандат истекува на 15 септември, откако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски викендов најави дека неговата ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-закон за Јавно обвинителство. Тој рече дека формирале внатрепартиски тимови што ќе работат во правната комисија на партијата, но вчера не одговорија на прашањата од „Слободен печат“ за колку време јавноста може да го очекува нивното решение.

По најавите за предлог-закон од опозицијата, од Министерството за правда вчера по којзнае кој пат повторија дека нема да биде прифатена скриена амнестија.

– Со нетрпение го чекаме текстот од ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе го добиеме, ќе се произнесеме. Доколку има подобрувања на текстот, секако ќе бидат прифатени. Ако има скриена амнестија, нема да биде прифатена – рекоа од Министерството.

Неофицијално, тимовите на ВМРО-ДПМНЕ три недели ќе го подготвуваат законот, па со оглед дека Собранието нема да работи во август поради годишните одмори, а четиригодишниот мандат на СЈО истекува на 15 септември, неизвесно е што ќе се случи со ова обвинителство.

СЈО беше формирано со посебен закон на 15 септември 2015 година со мандат до 2019 година, кој може да се продолжи со двотретинско мнозинство во Собранието, но тоа нема да се случи затоа што ќе биде донесен нов закон за Јавно обвинителство во чиј состав СЈО ќе работи како посебно обвинителство.

Предлог-законот за јавно обвинителство со месеци е на дневен ред затоа што власта и опозицијата не успеваат да ги усогласат ставовите за судбината на СЈО, особено за тоа кој ќе биде специјален обвинител, што ќе се случи со предметите што се почнати по рокот во кој СЈО имаше право да поднесува обвиненија, а тоа беше 15 јуни 2017 година, дали „бомбите“ и натаму ќе се користат како доказ во судските постапки итн.

СДСМ апелираше законот да биде усвоен уште пред претседателските избори, со цел тоа да биде дополнителен успех пред извештајот на ЕУ во јуни за напредокот на Македонија, но од опозицијата упорно ги одбиваа за нив спорните одредби, а сега најавуваат нивен законски текст.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе испорача нов Закон за јавно обвинителство што ќе биде соодветен на европските стандарди. Граѓаните од ова СЈО не добија ништо, резултатот е нула. Внатрепартиските тимови ќе креираат закон што ќе го опфати компаративното применливо европско право, ќе ги опфати препораките и праксите на Европскиот суд за човекови права – рече Мицкоски и додаде дека власта сака да го искористи Законот за јавно обвинителство со цел да ја нападне ВМРО-ДПМНЕ, односно, „единствен начин како да се спасат од пораз на следните избори е да донесат еден ваков закон и да го користат за политичка пресметка со опозицијата“.

Бомбите важат до 15 септември 2020 година, а на крај ќе се уништат

Овој предлог-закон е еден од условите за почеток на преговорите со ЕУ и се носи со двотретинско мнозинство. Двете страни најмногу спорат за членот 105 што го регулира продолжувањето на постапките и судбината на доказите од прислушуваните разговори.
Според предлог-законот за кој со месеци се договараат најголемите партии, СЈО може да ги обработува „бомбите“ најдоцна до 15 септември 2020 година и тие може да се користат како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година. Бомбите што не се дадени како докази во судовите ќе се чуваат во СЈО една година по правосилното завршување на сите постапки, па ќе бидат уништени.

СЈО ја задржува досегашната надлежност, а ќе добие и нови. Ќе продолжи да ги застапува сите предмети што за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година, како и обвиненијата и истражните постапки што се спроведуваат по овој датум.

Претходните постапки што ги спроведува СЈО до носењето на новиот закон, ќе ги продолжи јавното обвинителство во чија надлежност спаѓаат.
Предлог-законот предвидува ЈО да е организирано како Jавно обвинителство, виши јавни обвинителства и основни јавни обвинителства, Jавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Специјално јавно обвинителство. За судир на надлежности меѓу обвинителствата ќе одлучува државниот јавен обвинител.

Кои обвиненија се поднесени отпосле?

СЈО на крајот на јуни 2017 година поднесе 17 обвиненија за 18 случаи против 94 физички и 7 правни лица, но во овие предмети бомбите нема да бидат докази. Станува збор за предметите „Талир“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, „Подарок“ каде што е осомничен Зоран Ставрески, „Пациент“ каде што е осомничен Бујар Османи, предметот за пропаднатиот попис во кој се гони Али Ахмети, потоа предметот „Базни станици“ каде што е осомничен Жарко Луковски, „Хармонија“ каде што е осомничен Стевчо Јаконовски, „Моќник“ каде што е осомничен Антонио Милошоски и др. Лани СЈО го отвори и предметот „Империја“, каде што за злосторничко здружување се осомничени 11 лица меѓу кои и Орце Камчев и Сашо Мијалков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот