Сите знаат дека борбата е наместена

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Постои тенденција на сѐ поголемо и помасовно вложување во хартии од вредност со негативни камати, што укажува на сѐ поголемото недоверение на носителите на капитализмот, сопствениците на капиталот, во самиот капитализам. Последнава година глобалната вредност на обврзниците „со негативен принос“ (оксиморон со значење „со пад на вредноста“) надмина 16 илјади милијарди долари.

Го слушам, по којзнае кој пат, задгробниот глас на Ленард Коен, како ги пее нашиве сиромашки и чемерни народни поговорки, особено онаа „кој има ќе заима, кој нема ќе занема“, и си мислам како и народната и Коеновата црна поетика на контроверзен начин, гледајќи ѝ на безнадежта в очи, го слави духот човечки што ги надвјасува и им устојува на сите несреќи. Пее тој, во незаборавната „Сите знаат“: …сите знаат дека војната заврши / сите знаат дека добрите изгубија / сите знаат дека борбата беше наместена / сиромашните остануваат сиромашни, богатите побогати / така си врват нештата / сите знаат…“

Моќниот глас на Коен, со боја на распукан бакарен сад во кој се претура и шуми кварцен песок, ја најавува, неколку стихови потаму, и нашата денешна пандемија: „и сите знаат дека чумата доаѓа / сите знаат дека надира таа пребрзо…“ Јасно е дека Коен старата вистина што „сите ја знаат“ – дека сиромашните ќе занемаат, додека богатите ќе заимаат уште повеќе, ја комбинира со универзалната поговорка што ја опишува нашата денешна глобална ситуација: дека несреќата никогаш не доаѓа сама.

Вирусот повеќе ги сака оние што немаат имот и пари

Веќе секому би требало да му е јасно дека пандемиските црни статистики не зборуваат толку за својствата на вирусната зараза колку за реалностите на економските, социјалните, културните и геополитичките состојби во кои глобалниот либерален капитализам го има втурнато светот и пред да се појави пандемијата на седмиот коронавирус. Најочигледниот пример доаѓа од најбогатата земја на светот: бројките на умрени од ковид-19 ја открија суровата вистина за земјата „лидер на слободниот свет“ во која вирусот убива непропорционално повеќе афроамериканци отколку припадници на „белата раса“, многу повеќе од помалку имотните етнички групи отколку од побогатите белци, сѐ на сѐ – непропорционално повеќе сиромашни отколку богати.

Вирусот биолошки не прави разлика помеѓу луѓето, но испадна дека некако повеќе ги сака оние што немаат имот и пари, да го занемаат и здравјето, па и животот. Бројките на умрени од пандемијата неумоливо говорат за нееднаквоста на Американците, зашто на перверзен начин сакаат да ги имитираат постојните имотни разлики помеѓу етничките групи што ја населуваат земјата на неотсонуваниот „американски сон“. Така, црнците умираат 3,6 пати повеќе од белците; автохтоните Американци (т.н. Индијанци) умираат 3,4 пати повеќе, а Хиспанците 3,2 пати повеќе од белците. Неправедно, одвратно и безнадежно, нели?

Но, глобалната корона-чума предизвика и невидено голем застој и пропаѓање на светската економија, што пак го вовлекува светот во несомерливо голема должничка лавина, која – вие веќе погодивте – на брутален начин ја открива самата перверзна суштина на капитализмот, лапидарно изразена во формулата: кој има ќе заима, а кој нема, богами, ќе занема уште појќе. За што се работи? Вие сигурно знаете дека задолжувањето го уредува рутинското – но не помалку сурово, безмалку садистичко – правило дека секој позајмувач е оценет според критериумот на економска моќ и платежна способност, со кредитен рејтинг според кој се одредува каматата со која ќе го враќа кредитот. Тоа понатаму значи дека колку е позајмувачот во потешка состојба, и колку е посиромашен и позадолжен, толку поголема камата ќе треба да плаќа. Сосем логично, нападно фер, ќе речете дури и хумано, христијански сомилосно.

Приказната за каматите

Но, чекајте, приказната за каматите тука не завршува, зошто има и повеќе и погнасно: оние најбогатите и најмоќните имаат толку добар кредитен рејтинг што кога тие позајмуваат пари на финансискиот пазар, тоа го прават со негативни каматни стапки. Што значи дека оние што ним – на моќните и на богатите – им позајмуваат пари, треба да им плаќаат камата за тоа! Невозможно? И те како е можно: денес светските моќници, кога земаат кредит, на негативни камати заработуваат помеѓу 1 и 2 проценти, додека кога даваат кредит на посиромашни од себе, заработуваат на камати просечно помеѓу 3 и 5 проценти. Јасно е дека најтемелната вредност на капитализмот – креативната компетитивност – е шарена лажга за ментално ретардирани, зашто системот е уреден по принципот „кој има ќе заима, а кој нема ќе занема“, или како што стариот Ленард пееше: ма, кој меч, кои бакрачи: „борбата беше наместена“.

Но, местенката со камати не е само сигнал за инхерентната неправедност и морална корумпираност на капитализмот, зашто вкупниот промет со заеми и обврзници со негативни камати укажува и на нешто уште позагрижувачко. Имено, последниве години постои тенденција на сѐ поголемо и помасовно вложување во хартии од вредност – државни и корпоративни обврзници – со негативни камати, што укажува на сѐ поголемото недоверение на носителите на капитализмот, сопствениците на капиталот, во самиот капитализам. Последнава година глобалната вредност на обврзниците „со негативен принос“ (оксиморон со значење „со пад на вредноста“) надмина 16 илјади милијарди долари. Всушност, повеќе од четвртина од сите обврзници во промет денес се со негативни камати, што, почитувани читатели, сите од нас што поседуваме повеќе од милијарда долари во хартии од вредност треба особено да нѐ загрижи.

И, на крајот, доколку капитализмот – кој е заснован на профитниот мотив – системски се префрлува на негативни камати, што ќе рече, не инвестира ниту во производство ниту во иновации, туку губи до два проценти плаќајќи ја само сигурноста на стапката со којашто му се топи капиталот, но одбегнувајќи големи ризици, е тоа значи дека 0,1 насто од човештвото што го поседува целиот свет ја губи довербата во системот што му го обезбедил пљачкосувањето на планетата. Како што вели економскиот аналитичар од кого ја поднаучив приказната за негативните камати: „Се чини дека инвеститорите имаат помалку доверба во капитализмот од просечна троцкистичка секта“. Трагичниот дел од овие критични економски показатели не е дека 0,1 насто од човештвото почнува системски да не верува во капиталистичкиот систем и со таа недоверба да ги поткопува темелите на системот, туку дека тие ништожници го поседуваат целиот свет, сите нас топтан, и дека процентите што тие ги губат ќе ги платат оние што ги немаат, оние од коишто парите претходно биле земени. А тоа сме ние, почитувани читатели, и никој друг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот