Сите зборуваат за омикрон, а делтата не е потисната

коронавирус-скопје-болница-ковид-19-миа11
Коронавирус/ Скопје/болница/ковид-19/ Фото: МИА

Не значи дека делта варијантата не е присутна, но ако во една средина омикрон преовладува, а за него важи дека вирулентноста и присутност во организмот е скратена во однос на претходните соеви, тогаш да, треба да се скрати изолацијата, изјави за „Утрински брифинг“ доктор Ирина Сотирова Бухова.

Додека Кризниот штаб и Владата одмеруваат дали пациентите со ковид-19 кои немаат симптоми треба да одат во задолжителна изолација само седум наместо досегашните десет дена, некои стручњаци се резервирани кон ваквата евентуална одлука. Проблематично за епидемиолозите со кои зборуваше „Слободен печат“ е тоа што во земјава уште е присутна и делта варијантата на коронавирусот и не сите болни се заразени со сојот омикрон. Соевите делта и омикрон имаат различно времетраење на симптомите и различен период во кој пациентот е заразен за околината и може да го пренесе вирусот. Затоа, ќе биде проблематично што со скратената изолација од 10 на седум дена.

Предлогот за скратување на изолацијата, инфектолозите и епидемиолозите го оправдуваат со фактот дека омикрон варијантата на коронавирусот има различни специфики – пациентите се заразни пократко време, а симптомите настапуваат веднаш по контактот со вирусот. Освен тоа, сојот омикрон несомнено побрзо се шири отколку делта, бројките се огромни на дневна основа, што значи оддалечување од работното место на многу вработени поради задолжителната изолација што, пак, ѝ создава проблеми на економијата.

Бројките на новозаразени се очекува да се задржат на плато

– Не значи дека делта варијантата не е присутна, но ако во една средина омикрон превладува, а за него важи дека вирулентноста и присутност во организмот е скратена во однос на претходните соеви, тогаш да, треба да се скрати изолацијата. И Комисијата за заразни болести го предложи скратувањето на изолацијата до министерот, но  препораката мора да се преточи во одлука на главен кризен штаб и Влада – изјави за „Утрински брифинг“ доктор Ирина Сотирова Бухова, членка на Комисијата за заразни болести и директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Според неа, бројките на новозаразени во земјава се очекува да се задржат на плато што ќе доведе во раните пролетни месеци состојбата со ковид да стане помирна.

– Такви се препораките од сите еминентни вирусолошки центри. Кај сите вирусолози насекаде во светот постои таа прогноза, но секаде постои и резервата дека ова ќе се случи само ако не се појави нов сој. Дотогаш се очекува да останат на сила и маските и дистанцата и протоколите за сите граѓани во државата. Во моментот болничките капацитети не се преоптоварени – рече доктор Бухова.

Бројките на починати во земјава сѐ уште се високи

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја информира јавноста дека сите лица што се тестираат на ковид-19, потребно е во лабораторијата да дадат точни податоци за  адресата каде ќе ја спроведат изолација доколку се позитивни, ако таа не се совпаѓа со адресата по лична карта. Наведеното се однесува и за лицата што биле во контакт со позитивен случај на ковид-19 при нивното анкетирање од епидемиолог од надлежен Центар за јавно здравје. И надлежните се пред предизвик да ги издадат сите решенија за изолација, со оглед на тоа што галопирачки расте бројот на позитивните. Вчера во земјава беа регистрирани 20.571 активен случај.

Матичните лекари алармираат дека амбулантските прегледи рапидно растат, турканиците во чекалниците во амбулантите се големи и доаѓа до контакт на сомнителните пациенти со оние што немаат симптоми, а дошле да се лекуваат поради друга дијагноза.

Бројките на починати во земјава уште се високи и во едно деноноќие вчера битката со вирусот ја загубија 20 граѓани. Болниците не се преполни, има доволно места во ковид-центрите, но тоа сепак не значи дека нема опасност и од омикрон сојот за лицата со коморбидитети и повозрасните, кои најмногу страдаат во пандемијата.

Пецаков по закон морал да седи дома веднаш по тестирањето за ковид-19

 

Видео на денот