Сите за датум за ЕУ, Мицкоски за датум за избори – Слободен печат
Колумни

Сите за датум за ЕУ, Мицкоски за датум за избори

Ќе има избори Мицко, не се секирај. Ќе дојде и тој ден. Изборите не ти бегаат. Ама датумов ќе ни избега. И после „шу праиме“.

Избори, па избори. Се фатил Мицкоски за изборите како слеп за стап. Ние сме за чист датум со ЕУ, ако не, бараме избори. Демек сакаме со чисти раце, како што викаше Гошев на времето, да го фатиме патот за ЕУ. Нема да одиме во Европа така запрљани.

Секој ден чекам да излезе лидерот на опозицијата, да се одважи и барем еднаш во животот да даде една државничка изјава, онака да го личи. Да се одважи и да му пружи рака на Заев барем во овие клучни моменти за нашата држава, да покаже дека му дошло до државата и до народот. Барем овие два три дена. Да покаже национално единство. После пак нека плука и нека бара избори. Ама не. Он се запнал, Заев па Заев.

Наместо Мицкоски деновиве да тркнеше до Брисел, па да го фатеше Заев под рака, да лобираат заедно за државата, тој, читам, праќал свои луѓе да не оцрнуваат и да лобираат Македонија да не добиела датум. Дури и неговиот почесен лидер на партијата, Груевски, од кој уште јавно не се огради, вртел телефони за да убедува европски претставници од ЕПП давајќи гаранција дека Мицкоски ќе бил ревносен и дисциплиниран исполнувач на сите обврски кон Бугарија и Грција. Не знам колку овие информации се точно, но ако се точни, тогаш имам само едно да го прашам Мицкоски: Аман бре, до таму ли дојдовте?

Толку ли ниско паднавте за таа пуста власт? Каде е државата, каде е Македонија, каде е народот. Каде ви се националните интереси. Па после дипломатите во Брисел ни се чуделе како тоа опозицијата лобирала Македонија да се лизне надоле. Они не знаат дека нас ни е во крвта онаа народната „да му умре козата на комшијата“. Затоа ние Македонците не можеме да изградиме стабилна држава. Цел живот се кодошиме и оговараме. Цел живот секој својот интерес си го гледа.

Меркел, Ципрас, Хан, Фајон и ред други ќе лобираат за нас, ќе молат ЕУ да не наградела, ќе кажуваат дека сме заслужиле, само наш Мицко се прави „на тошо“, како да е од Марс паднат и трча по трибини да си тера кампања. Ќе ја обновувал Македонија.

Ќе има избори Мицко, не се секирај. Ќе дојде и тој ден. Изборите не ти бегаат. Ама датумов ќе ни избега. И после „шу праиме“. Дај прво потруди се да и помогнеш на власта да излобира датум за преговори, за нас, за државата, па после плукај до „миле воље“ по Заев ако сакаш.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close