Сите советници во Аеродром потпишале свечена изјава со „Република Македонија“, таков бил законот

Фото: mia.mk

Сите советници од новиот состав на Советот на Општина Аеродром, и од власта и од опозицијата, ја потпишале свечената изјава на која стои името “Република Македонија”, објави Телма.

Советниците се повикуваат на членот 38 од Законот за локална самоуправа, во кој е нaведено дека „ќе го почитуваат Уставот, законот, прописите на советот и ќе го штитат уставниот поредок на Република Македонија“.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски признава дека во законот се уште стои името “Република Македонија”, а измените во кои ќе биде наведено новото уставно име сѐ уште не биле доставени до Собранието, затоа што за нивно усвојување било неопходно двотретинско мнозинство, кое во моментов тешко може да се обезбеди.

Сепак, Милевски повикува сите единици на локалната самоуправа да го почитуваат Уставот и да не прават политички маркетинг.

Реагираше и Министерството за надворешни работи, кое побара од советниците да го почитуваат уставното име Република Северна Македонија.

“Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија” – соопштија од МНР.

МНР упати апел до Министерството за локална самоуправа да реагира соодветно и да преземе мерки за извршување на спогодбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот