Сите прашања затворени, се чека одговорот на Алтернатива

Арбен Таравари / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Сите прашања затворени, се чека одговорот на Алтернатива

Пакетот кадровски решенија за влез на Алијанса за Албанците (АА) во Владата во најголем дел е договорен меѓу Димитар Ковачевски и претседателот на опозициската партија Арбен Таравари, но дали договореното ќе биде прифатливо и за претседателот на Алтернатива Африм Гаши за тој да остане или да ја напушти „Илинденска“, се очекува да се знае најдоцна денеска, по средбата помеѓу владините партнери.  Од одлуката на Гаши ќе зависи и конечната распределба на ресорите за АА како нов владин партнер.

Дека преговорите за влез на АА на „Илинденска“ се при крај и дека повеќето прашања се затворени потврди претседателот на опозициската партија Арбен Таравари.

– Се надевам дека денеска или утре конечно ќе ги завршиме прегорите за евентуалниот влез во Владата и тоа официјално ќе го објавиме – рече Таравари

Тој додаде дека уште се разговара за распределбата на функционерските места и министерски ресори и дека не би било коректно да зборува за тоа во моментов зашто уште траат меѓупартиските консултации на владините коалициски партнери.

– Сè ќе биде појасно до утре, но ќе почекаме на консултациите кои се во тек помеѓу работните групи на партиите од владиното мнозинство – изјави Таравари.

Висок функционер од АА за „Слободен печат“ вели дека веќе се договорени министерствата за здравство и за правда и дека со ресорот правда дефинитивно ќе раководи генералниот секретар Кренар Лога, а за „здравство“ повеќе лекари се во игра, меѓу кои инфектологот Фадил Цана. За третото министерство што треба да го добие АА има повеќе комбинации и ќе зависи од тоа дали Алтернатива ќе остане во Владата. Во игра е екологија, со кое раководи ДУИ, но ако Алтернатива ја напушти Владата, тогаш АА го добива ресорот информатичко општество и администрација. Можно е Ковачевски да понуди креативно решение, односно АА наместо министерско, да добие вицепремиерско место, и тоа за странски инвестиции од дијаспората, а ќе се укине министерството за  дијаспора.

АА добива две места заменик-министер, и тоа за одбрана и за земјоделство. Од директорските места АА најверојатно ги добива МЕПСО и ПИОМ, MЖ-Транспорт, што сега се под капата на Алтернатива. Од инспекторатите АА ќе раководи со Просветниот инспекторат, а добива и заменик директор во УЈП и раководна позиција во Царина. Впечатливо е дека најголем дел од кадровските решенија за АА се од „колачот“ на Алтернатива.

Според извори од СДСМ, Алтернатива не може да очекува да ги задржи позициите како при влез во Владата, бидејќи остана без еден пратеник, а АА во власта влегува со осум пратеника. Од власта коментираат дека Алтернатива ќе има едно министерство, но и актуелен потпретседател на Собранието. Од Алтернатива велат дека откако ќе го видат договорот меѓу Ковачевски и Таравари и откако ќе ја видат понудата за нив, ќе пресечат дали ќе останат во Владата. Неофицијално велат дека тенденцијата е да останат на „Илинденска“, но не по секоја цена.

– Дали истите лица ќе бидат на истите функции и во иднина, зависи од претседателот. За нас круцијално е потпишаниот договор од декември 2021 за влез во Владата. Ние не сме тие што не го почитуваат остварувањето на тој договор – изјави портпаролот на Алтернатива и директор на МЕПСО Орхан Муртезани за „Телма“.

Можно е веќе наредната недела реконструкцијата на Владата да се најде на собраниска седница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот