Сите пошти во регионот се во државна сопственост

Скопје, 13 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Идејата за приватизација на Пошта предизвика поделени реакции, но повеќе можеа да се прочитаат и да се слушнат негативни коментари. Според некои, приватизацијата е неопходен процес затоа што интернетот ја смени улогата на поштите. Но други тврдат дека поштите во светот главно се државни, имаат нов бизнис што станува сѐ поголем со растот на електронската трговија и работат со добивка.

Пошта на Северна Македонија според најавите на Владата ќе се приватизира. Вицепремиерот Артан Груби најави дека за нашата пошта се заинтересирани Словенците, но дека се очекува да се разгледаат повеќе понуди и да се најде најдобро излезно решение, иако, според него, состојбата во Пошта не е толку црна како што се опишува во јавноста.

Идејата за приватизација на Пошта предизвика поделени реакции, но повеќе можеа да се прочитаат и да се слушнат негативни коментари. Според некои, приватизацијата е неопходен процес затоа што интернетот ја смени улогата на поштите. Но други тврдат дека поштите во светот главно се државни, имаат нов бизнис што станува сѐ поголем со растот на електронската трговија и работат со добивка.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, кој е поранешен советник во Министерството за финансии, е против приватизацијата на Пошта и тврди дека најголем дел од поштите во светот работат со добивка: „Во Европа речиси сите (Франција, Италија, Шпанија, Швајцарија, Австрија, Скандинавија, дури и Србија) и сите се државни. Приватизирани се само во Германија, Британија и во Холандија (од поголемите)“, искоментира Јовановиќ. Тој потенцираше дека и поштите во Америка и во Јапонија се државни.

Словенците сакаат да ја купат нашата пошта, нивната е државна

 

„Слободен печат“ истражуваше каква е состојбата со поштите во регионот.

Во Словенија која сака да влезе во поштенскиот бизнис во Македонија, поштата е државна.

„Ние сме успешна компанија, 100 проценти сопственост на Република Словенија со 5.500 вработени и со тоа важен играч во словенечкото општество. Ние сме еден од водечките партнери во економијата, обезбедуваме универзална поштенска услуга и законски утврдена пристапност или покриеност на поштенската мрежа. Ние исто така играме клучна улога во создавањето правна основа за обезбедување еднакви деловни услови и во спроведувањето на највисоките стандарди за квалитет на поштенската мрежа и на пазарот на универзални поштенски, логистички и други услуги. Во согласност со донесената стратегија, поставуваме амбициозни, но истовремено конкретни и остварливи цели за во иднина. Клучниот акцент е ставен на новите услуги и надградба на постојните услуги – испорака на пакети и директна пошта, утринска испорака на весници, логистика на синџирот на снабдување и е-услуги за поединци, компании и државата“, пишува на официјалната станица на словенечката пошта.

Во државна сопственост е и Поштата на Србија. На нејзината официјална страница пишува: Поштата на Србија е омилена домашна марка според мислењето на потрошувачите и е добитник на престижната домашна награда „Мојот избор“ за 2020 година. Врз основа на резултатите од истражувањето што го спроведе Здружението „Моја Србија“, „Пошта на Србија“ освои најмногу потрошувачки гласови во категоријата „Транспорт“, врз чија основа стана добитник на оваа престижна награда.

Државна е и поштата во Црна Гора, а државна е и поштата во Бугарија, иако и оваа земја, како и Словенија, е членка на Европската Унија. Во Бугарија постоеја повеќе најави за евентуална приватизација на поштата, но и силен отпор од тамошното население.

 

Нашата пошта во дебела загуба делела бонуси по 5.700 евра

 

Алармот за состојбата во македонската Пошта се вклучи кога пред неколку месеци Државниот завод за ревизија го објави извештајот за Пошта.

Заклучно со 31.12.2018 година, АД Пошта има акумулирана загуба од 10 милиони евра. Но, тоа не го спречило ова акционерско друштво да плаќа огромни износи за менаџерско осигурување преку осигурителна компанија, евидентираше Државниот завод за ревизија.

Според извештајот, за седуммина директори во АД Пошта, кои истовремено го сочинуваат и Управниот одбор и Надзорниот одбор, платено е менаџерско осигурување за период од 1.04.2018 до 1.04.2019 година во вкупен износ од 2.760.000 денари, или околу 45.000 евра. Овие директори ги избира Владата, тие примаат плата, а ако одобри Надзорниот одбор може да склучи и договор и за нивно менаџерско осигурување со осигурителна компанија што ќе понуди најповолни услови. Овие менаџерски осигурувања, доколку не настапи смрт или траен инвалидитет, значат дека 89,5 проценти од парите што ги уплатила Пошта се префрла како бонус на директорите, објасни ревизорот. Или, на секој од овие седум директори, во просек му следувал годишен бонус врз основа на менаџерско осигурување од 5.700 евра!

Сегашниот генерален директор на Пошта, Ејуп Рустеми, вели дека откако тој дошол на функција, во септември 2018 година, почнал да ја намалува загубата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот