Сите очи вперени кон Луксембург: Македонија во неизвесност, каков картон ќе ни даде ЕУ?

Македонија и ЕУ/ Фото: Слободен печат/ Архива

Се поголема е неизвесноста околу тоа дали на Македонија ќе и биде доделен датум за отпочнување преговори со Европската Унија, откако синоќа на состанокот во Луксембург не поминаа заклучоците на финското претседателство на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ. Политичкиот врв во Македонија е целосно мобилизиран и фокусиран на она што ќе следи овие два дена во Луксембург. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вчера во Брисел се обрати пред новиот состав на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, каде нагласи дека „оваа недела за македонските граѓани не претставува само уште еден обичен Совет на ЕУ“.

– Ова е нашиот состанок со историјата, на кој се очекува донесување на долгоочекуваната, и како што е потврдено од многумина, заслужената историска одлука за почеток на преговори со ЕУ. Историска, во смисла на тоа што претставува отворање на вратата за поддршка на процесите за неповратна и одржлива демократска преобразба на земјата – изјави Димитров во Брисел од каде отпатува за Луксембург.

За Луксембург утринава отпатува и вицепремиерот Бујар Османи.

„На пат за Луксембург и Брисел , очи во очи со историјата, пред конечната одлука. Независно дали одлуката ќе биде денес или утре, дали ќе биде ДА или НЕ, за нас сонцето и натаму ќе изгрева на запад“, напиша Османи на Фејсбук.

Во Луксембург се очекува да отпатува и премиерот Зоран Заев. Тој е дециден:

– Останувам силно убеден дека ние ќе добиеме датум, односно одлука за почеток на преговорите.

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за австриски „Пресе“ ја предупредува ЕУ дека за никого нема да биде добро ако не го добиеме ветениот датум за преговори.

„И името на државата го сменивме заради тоа. Тоа не го направила досега ниту една држава“, рекол Пендаровски.

Според него, Унијата ќе ја изгуби својата кредибилност и веродостојност доколку ги одложи преговорите со Македонија.

„Граѓаните не прашуваа зошто мораме да го смениме името на нашата држава. Нашиот одговор беше – за да станеме членка на ЕУ. Исполнивме што се бараше од нас досега. Сега граѓаните прашуваат зошто доаѓа до одложување“, посочил претседателот Пендаровски за австрискиот „Пресе“.

Во ЕУ генерално постои расположение на Македонија да и се додели датум за преговори со Унијата, но засега Франција е единствениот кочничар. Имено, Франција инсистира прво да се промени методологијата на преговарање кој сега го смета за премногу технички, а потоа да се отвораат преговори со идните членки.

Франција на амбасадорскиот состанок не поддржала ниту одвојување на Македонија од Албанија, ниту пак ги прифатила предлозите на финското претседателство. Холандија и Данска кои имаа резерви кон проширувањето се за одвојување на Македонија од Албанија.

Според новата методологија на чие усвојување инсистира Франција, преговорите треба да бидат повеќестепени и поконретни во придобивките за државите за кои се однесуваат, со објективно мерливи и кредибилни резултати. Таа ќе се однесува на сите земји кандидати за ЕУ и оние кои веќе водат преговори, а клучно е што предвидува реверзибилен процес доколку земјата стагнира или назадува во преговорите.

Денеска и утре сите очи ќе бидат вперени кон Луксембург. Политичарите, но и граѓаните, се надеваат дека Македонија ќе го добие она што го заслужи, датум за преговори со Унијата. Дали Македонија ќе биде наградена за своите историски потези, промената на името, односно потпишувањето на Преспанскиот договор и постигнатиот Договор за добрососедство со Бугарија, останува да видиме.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот