ЕКСКЛУЗИВНА АНАЛИЗА (3) | Сите ќе изгубиме ако се притисне „црвеното копче“

Фото: NuEPA/JIM LO SCALZO

„Слободен печат“ го објавува третото и последно продолжение од интервјуата на четворицата реномирани светски експерти Андреј Корубко, Дејв Семинара, Ѓорѓи Ерман и Мајкл Тејлор кои на идентични прашања, но од различен агол даваат светлина врз конфликтот во Украина. Соговорниците говорат за енергетската криза, можноста од нуклеарна војна и реперкусиите од конфликтот врз Европа и светот.

Тоа беше симбол на Студената војна, но по заканите од Москва, нуклеарното оружје повторно е во јавната свест. Како функционира стратегијата на атомско одвраќање и каква заштита има за земјите во Европа? Четворицата соговорници во своите интервјуа за „Слободен печат“ меѓудругото говорат и за тоа дали е возможно Русија во конфликтот да го употреби своето нуклеарно оружје откако Владимир Путин ги стави руските нуклеарни сили во „посебен степен на подготвеност“ на почетокот на војната во Украина. По азбучен редослед на имињата на соговорниците Ви ги претставуваме одговорите од прашањата.

Андреј Корубко, руски новинар и воено-политички аналитичар кој истовремено е и истражувач на институтот „Глобал рисрч“ и познавач на релациите на Руската Федерација со Западот.

Андреј Корубко, руски новинар и воено-политички аналитичар

СП: Колку е навистина сериозна заканата од нуклеарно оружје и дали претседателот Владимир Путин навистина ќе го употреби својот тактички арсенал ?

– Верувам во тоа дека Русија нема што да добие ако го употреби своето тактичко нуклеарно вооружување или останатите оружени системи кои се употребуваат од армијата за масовно уништување или накратко кажани ОМУ оружја. Руската воена позиција во источна и јужна Украина во моментов е безбедна. Дополнително верувам дека нема причина зошто јавноста треба да се храни со апокалиптични предвидувања фингирани од западните мејнстрим медиуми предводени од САД чија цел е едноставна, а таа е обид да се докаже дека претседателот Путин е „лудак“ кој е подготвен да стави крај на светот за да не ја загуби битката. Сакам да објаснам дека и да се зголеми притисокот со санкции врз Русија, земјата нема да посегне по употреба на ОМУ без цврста причина, најмногу бидејќи руските конвенционални сили се повеќе од способни да ги постигнат утврдените хуманитарни, воени и стратешки цели во специјалната операција во Украина. Но, она што е најзагрижувачки во Русија е дека полномошниците на Западот во Киев предводени од САД би можеле да бидат тие коишто навистина ќе се обидат да употребат оружје за масовно уништување токму затоа што нивната страна ќе ја загуби битката.

СП: Како Русија ќе реагира ако софистицирани оружени системи пристигнат во Украина од европските земји и САД?

– Софистицирано оружје веќе се влева во Украина од Западот уште и пред почетокот на конфликтот, а за среќа руските сили редовно информираат дека голем дел од ова опасно оружје е веќе уништено во специјалната операција. Она што е неспорно во овој момент е дека Русија и натаму остро ќе реагира и ќе продолжи да ги напаѓа на територија од Украина сите оние кои ќе бидат сметани за легитимни воени цели. Русија за оваа намена поседува супер модерни крстосувачки ракети кои можат со огромна прецизност да ги уништат сите цели во Украина. Вакви операции имаше и претходно на само километри подалеку од полската граница, а тие и ќе продолжат. Овие активности се со цел превенција на испорака на оружја во Украина бидејќи тие само ја ескалираат состојбата и го разгоруваат конфликтот.

Фото : Ракетно контролно копче – EPA/JIM LO SCALZO

Дејв Семинара е долгогодишен новинар во американскиот „Волстрит журнал“, поранешен дипломат, експерт на прашања поврзани со надворешната политика на Вашингтон и Стејт департмент.

Дејв Семинара – долгогодишен новинар во американскиот „Волстрит журнал“, поранешен дипломат

СП: Колку е навистина сериозна заканата од нуклеарно оружје и дали претседателот Владимир Путин навистина ќе го употреби својот тактички арсенал?

– Моите јавни проценки беа погрешни пред почетокот на конфликтот бидејќи не верував дека Путин ќе изврши инвазија и напад на Украина, па од тука можам да кажам дека е многу тешко да се процени однесувањето на рускиот претседател. Тој едноставно е непредвидлив карактер, но да се надеваме сите, за доброто на светот, дека ќе се избегне сценариото Путин да употреби нуклеарно одружје

СП: Како Русија ќе реагира ако софистицирани оружени системи пристигнат во Украина од европските земји и САД?

– Американските оружени системи веќе пристигнаа во Украина во одредена форма и верувам дека тие и натаму ќе продолжат да пристигнуваат во форма на помош на нападнатата земја. Сигурен сум дека американската поддршка на Украина ќе го разлути Путин и руската страна ќе направи се за да се обиде да завземе што е можно поголема територија од државата. Но, сепак и покрај големиот ризик длабоко сум убеден дека светот, а со тоа и САД не можат немо да гледаат од дистанца како во денешницата Русија напаѓа и врши инвазија на суверената нација.

Ѓорѓи Ерман, новинар родум од Киев дел од редакцијата на „Би-би-си“ од сервисот на украински јазик кој својата специјализација на меѓународните проблематики ја усовршил на катедрата на националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев.

Ѓорѓи Ерман – Политички новинар во „Би-би-си“ сервисот на украински јазик, од националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев

СП: Колку е навистина сериозна заканата од нуклеарно оружје и дали претседателот Владимир Путин навистина ќе го употреби својот тактички арсенал?

– Никој не може да предвиди дали Путин ќе се одлучи да употреби нуклеарно оружје против Украина. Истовремено и се сомневам дека украинските сили воопшто и имаат капацитет да сопрат таков напад од нуклеарно руско оружје. Сепак, факт е дека во моментов многу Украинци веруваат дека Путин и другите руски функционери се обидуваат да ја уништат украинската нација со сите расположливи средства, но истовремено и дека постои само еден начин да се преживее, а тоа е да се одбрани целосно Украина. Дополнителен проблем е што голем дел од Украинците едноставно, за жал, не веруваат во никакви мировни преговори со Русија бидејќи досега овие недоверби се олицетворија во убиствата, силувањата, воените злосторства во Мариупол, Буча, Ирпин, Харков, Чернигив, Сими, Миколаевската област каде на дело и во целосна суровост оперираат руските воени сили. Украинците едноставно очекуваат дека е возможна употреба и на нуклеарно оружје доколку во земјата пристигне некоја нова форма на американска и британска воена помош.

Др. Мајкл Тејлор е истражувач во институтот „Оксфорд Аналитика“ и поранешен уредник на деск редакцијата на „Би-би-си“ во Лондон. Тој е специјалист за состојбите во Источна Европа, Балкнаот и Русија.

Др. Мајкл Тејлор – Истражувач во институтот „Оксфорд Аналитика“ и поранешен уредник на деск редакцијата на „Би-би-си“ во Лондон.

СП: Колку е навистина сериозна заканата од нуклеарно оружје и дали претседателот Владимир Путин навистина ќе го употреби својот тактички арсенал?

– Опасноста од нуклеарна војна во овој момент не може да се исклучи како опција! Употребата на овие оружени системи би било возможно доколку состојбите ескалираат, односно според руската воена доктрина, за да се избегне пораз во конвенционална војна. Дополнителен проблем е во тоа што би било речиси невозможно да се спречи ограничената нуклеарна војна да ескалира во светски сеопфатна нуклеарна војна. Токму затоа во овие моменти можеби и навистина вреди да се изврши темелна и стручна анализа и да се истражи системот за тоа како може да се користи нуклеарното оружје во рускиот систем и дали Путин може да биде спречен да го „притисне копчето“? Досега имаше многу закани кои би можеле да бидат само за шоу. Да се надеваме дека за нулерното оружје е истиот случај.

СП: Како Русија ќе реагира ако софистицирани оружени системи пристигнат во Украина од европските земји и САД?

– Русија веќе реагира, обидувајќи се да ги исплаши оние земји кои ја снабдуваат Украина со оружје. Тоа таа го прави со закани за одмазда и ја напаѓа украинската транспортна инфраструктура и воените складишта со цел да ги забави или да ја уништи воената помош пред да стигне до линијата на фронтот.

Фото : Руска балистичка ракета Топол- М – EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

КРАЈ

ЕКСКЛУЗИВНА АНАЛИЗА (2) | Крај на војната во Украина или сириско сценарио

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот