Сите хоспитализирани со ковид во Тетово се на кислород

Амбулантно возило / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Доктор Нуредини вели дека состојбата во тетовскиот регион ќе се влошува во наредниот период. Освен во Тетово, во врвот на градови со најголем број регистрирани заразени со коронавирусот во земјава е и Скопје.

Четвртиот бран на коронавирусот во Тетово е почнат. Граѓаните ги заборавија мерките, ги фрлија маските, се организираат масовни свадбени веселби, а враќањето на гастербајтерите во родното место прави социјалните контакти да се интензивни, а дружбите масовни. Раководителот на ковид-центарот во болницата во Тетово, доктор Гзим Нуредини за „Слободен печат“ вели дека сите хоспитализирани во тетовската болница се пациенти со потешка клиничка слика и сите се кислородно зависни. Освен тоа, станува збор за граѓани со низа придружни болести, кои не примиле ниту една доза вакцина.

Доктор Нуредини вели дека состојбата во тетовскиот регион ќе се влошува во наредниот период. Освен во Тетово, во врвот на градови со најголем број регистрирани заразени со коронавирусот во земјава е и Скопје.

– Денеска има 12 хоспитализирани пациенти и сите се на кислородна поддршка. Воопшто не станува збор за лесни пациенти. Имаат и придружни болести, бубрежна слабост, невролошки проблеми и дијабетес. Пред две недели почна да се полни болницата. Пред тоа, три четири недели немавме пациенти, но тоа се смени. Бројот на хоспитализирани оди нагоре. Има и кластери и спорадични случаи меѓу хоспитализираните. Кластерите се знае дека се од тоа што има повеќе народ овде во Тетово, комуникацијата меѓу луѓето е поблиска и не внимаваат. Мерките ги заборавиле и ова е очекувано, вели доктор Нуредини.

До пред само три недели, во болницата немало трага од ковид пациенти, меѓутоа наеднаш почнале да се појавуваат, најнапред во амбулантата на преглед со респираторни проблеми, а потоа почнале да се хоспитализираат и членовите на нивните семејства.

– Уште пред да почнат хоспитализациите, знаевме дека нешто не е во ред, затоа што амбулантски почнаа да доаѓаат зголемен број пациенти со респираторни проблеми, па по тестирањето излегуваше дека се позитивни. И за жал, пациентите со хронични болести се жртви на оваа пандемија. Постепено очекувам да имаме уште поголем број на позитивни и хоспитализирани во тетовскиот регион, според оваа динамика што ја гледам во моментот. Се уште има свадби, народ дојден од надвор, така што ќе има зголемен број. Ниеден од хоспитализираните пациенти не е вакциниран, вели доктор Нуредини.

Бројот на заболени од ковид во државата е во пораст. Последните податоци од Институтот за јавно здравје сугерираат дека од вкупно направени 3764 тестирања, регистрирани се нови 54 позитивни случаи. Активни се 401 случај, а повеќето од половината се во Тетово (106) и во Скопје (139). Вакцинацијата непречено се одвива, а од август се очекува да се затвори спортскиот центар „Борис Трајковски“ за имунизација и вакцинацијата да продолжи без закажување само во здравствените домови и теренски во руралните средини. Досега имунизирани се половина милион граѓани. Здравствените власти најавуваат дека по празниците, Комисијата за заштита на населението од заразни болести ќе заседава за да реши какви мерки ќе имплементира за луѓето што одбиваат да се вакцинираат. Во Германија такви најави имаше и од канцеларката Ангела Меркел, а некои земји на Блискиот Исток забрануваат влез во јавни објекти на невакцинираните, освен во продавница и во аптека.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот