Сите ги смотала околу малиот прст: Била куртизана, станала принцеза, а на крај убиец! (ФОТО)

Родена и порасната во париска работничка класа уште како тинејџерка го допрела дното и завршила на улица. Животот на Маргарет Алиберт е достоен за најголемите холивудски сценарија.

Маргарет е родена во 1890 година во Париз. Првата трагедија ја доживеала уште како дете. Додека си играл на улица, нејзиниот помал брат го удрил камион. Тој загинал, а родителите вината ѝ ја префрлиле на Маргарет, бидејќи таа требала да внимава на него. Долго време живеела со таа вина. Родителита ја пратиле во интернат,  каде што добила солидно образование и ја научила најважната лекција – како да се избори за себе.

На 15 години работела како слугинка, а по една година забременила и се вратила кај родителите. Бидејќи не можела да ја изржува новородената ќерка Рајмонд, ја дала на посвојување, а после тоа завршила на улица како проститутка, каде што ја забележала сопственичката на бордел, мадам Денарт.

Така Маргарет станала елитна куртизана, а Денарт тврдела дека Маргарет им била „љубовница на сите најдобри клиенти, џентлмени, богаташи и луѓе на позиции од Франција, Англија, Америка и други земји, истакнувајќи дека токму нејзина е заслугата што Маргарет станала таква „дама“.

Веќе на 17 години го запознала својот прв сопруг. Барем тврдела дека ѝ бил сопруг. Тоа бил 40-годишниот богаташ Андре Мелер од кого го земала презимето, но Мелер всушност никогаш не ја напуштил жена си, а на својата љубовница ѝ купил стан за да можат непречено да се дружат. Нивната врска се распаднала по шест години поради љубомората на Мелер.

Средба со идниот британски крал

По избивањето на Првата светска војна Маргарет во Париз го запознала принцот Едвард, идниот англиски крал и таа средба во многу погледи ќе ѝ го одреди животот. Брзо откако се запознале, нивниот однос станал интимен, а Едвард толку бил излуден од неа што во моментите кога биле разделени ѝ пишувал бројни љубовни писма, во кои откривал и детали од политичкиот живот.

Кога Едвард изгубил интерес за Маргарет таа се обидела да го уцени, го предупредила дека сите писма ги сочувала, но се откажала од тоа кога во нејзиниот живот влегол друг маж. Тоа бил уште еден припадник на париското високо друштво, Чарлс Лаурент, кој во 1919 година ѝ станал првиот официјален сопруг. Но во брак биле само шест месеци. Со разводот успеала да дојде до пари со кои си купила стан, штала  за коњи, автомобил, а имала доволно дури и да си плаќа слугинки.

Наместо британска, станала египетска принцеза

Една година по разводот се запознала со еден од најбогатите Египјани, десет години помладиот принц Али Фахми, кој бил маѓепсан од Маргарет. И таа била маѓепсана од неговото богатство. За да стапат во брак, Маргарет морала да помине во ислам, иако и таа имала свои услови. Барала од сопругот да го задржи правото да носи облека од Западот и да има можност за развод. Тоа Али го одбил, но си дал можност да има повеќе жени.

Кавга после „Веселата вдовица“

Ниту овој брак не бил многу среќен. Маргарет се жалела дека Фахми станал груб кон неа, сметала дека сака во целост да ја потчини, а подоцна се жалела и дека ја искористувал на „неприроден начин“. Тоа била алузија на хомосексуалноста на Али, а пошироко гледано и дел од планот да добие развод.

Нивните кавги достигнале кулминација во текот на заедничкиот пат во Лондон во 1923 година. По враќањето од театар (ја гледале „Веселата вдовица“) во хотелот „Савој“ брачниот пар имал жестока расправија по која Али отишол во непозната насока, а се верува дека барал машка или женска проститутка. Се вратил по два часа, а тогаш Маргарет во него испукала три куршуми. По еден час Фахми им подлегнал на повредите.

Ја бранел најдобриот англиски адвокат

Маргарет била уапсена, но тогаш го извлекла својот главен адут. Писмата од принцот Едвард. Во замена за дискреција добила судење какво што само можела да посака. Во текот на судењето ниту една тајна на идниот крал не била откриена, а врвните адвокати, предводени од најславниот адвокат на тоа време, Едвард Маршал Хал, во судницата ја завршиле работата до крај.

Тоа било едно од најспектакуларните судења на тоа време.

Се обиделе Фахми да го прикажат како садистичка ѕверка и да докажат „што се случува кога западната жена ќе се омажи за човек од Истокот“ и наместо смртната казна што ѝ се заканувала, Маргарет излегла на слобода.

Се вратила во Париз и продолжила да живее во елитните кругови сè до нејзината смрт во 80-тата година од животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот