Сите деца до 10 години во градинка?

Фото: МИА / илустрација

Се разгледуваат повеќе модалитети како да се згрижат училишните деца до 10 години, а еден од нив е и тие да бидат примени во градинките.

Сите деца на возраст до 10 години да бидат згрижени во детските градинки кога тие ќе бидат отворени е еден од начините кои се разгледуваат во Владата околу тоа како би се решил проблемот со згрижување на овие деца откако стана јасно дека во училиште нема да се враќаат до крајот на оваа учебна година. Како што неофицијално дознаваме во прилог на оваа идеја е тоа што и досега во текот на летните месеци кога се намалува бројот на деца кои редовно ја посетуваат градинката заради летните одмори во градинките се згрижуваат училишни деца на возраст до 10 години кои нема кој да ги чува. Како што неофицијално дознаваме се разговарало и за евентуална можност училиштата да се отворат но само за згрижување на децата до четврто одделение без едукативен дел.

Како што дознаваме од вработени во градинките од направените анкети меѓу родителите околу половината кажале дека ќе ги носат децата во градинка кога ќе се отворат, додека половината рекле дека не планираат да го сторат тоа. Но од градинките објаснуваат дека и со половина деца ќе биде тешко да се запазат посебни протоколи за заштита од ширење на вирусот.

Од Министерството за здравство велат дека не може ништо повеќе да кажат во врска со градинките додека не биде готов протоколот кој го прави Комисијата за заразни заболувања.

„Во тек е изготвување на протокол по однос на ова прашање од стана на Комисијата за заразни болести. Веднаш штом имаме завршна информација ќе бидете известени“, се вели во кусиот одговор од Министерството за здравство на прашање дали се разгледува опцијата сите деца до 10 години да бидат згрижени во детските градинки за да може родителите да се вратат на работа.

Иако не се кажува кога градинките ми можеле да се отворат за прием на деца, сепак тие се подготвуваат уште од минатата недела со спроведување на дезинфекција, отстранување на играчки кои тешко се дезинфицираат и слични активности, а оваа недела почна и скринингот на вработените, со кој треба да се открие дали некој од персоналот е евентуално скриен носител на вирусот ковид-19.

Вицепремиерката Мила Царовска рече дека градинките нема да го примаат истиот број на деца како во нормални околости, како и тоа дека ако се укине мерката за ослободување од работа на родителите децата ќе мора да бидат згрижени.

– Знаете дека Владата донесе мерки со коишто ослободи еден дел од родителите од своето работно место, да може да се грижат за децата, како субститут на сервисот градинка. Но, ако почнеме да ги ослободуваме сите економски капацитети, навистина градинките треба да се стават во функција. Еден од чекорите е тестирање на вработените, објасни вицепремиерката Царовска.

Владата откако ги затвори училиштата на почетокот на март донесе и одлука со која се ослободија од работата родители кои имаат деца на возраст до 10 години. Но бидејќи веќе помина подолго време расте и притисокот овие вработени да почнат да одат на работа што повторно го отвора прашањето кој ќе се грижи за децата. Колку сериозно се пристапува кон овој проблем говори и фактот што Комисијата за заразни болести успеа да изготви протоколи за избори, но се уште не се готови протоколите за работа на градинките.

Градинките спремни за прием на деца

Како градинка во очекување сме да ни биде закажан терминот кога ќе ни биде направен скринингот. Според мои сознанија тој се прави во самите објекти, што е големо олеснување за вработените, изјави за Скопски агол на „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ директорката на градинката 8-ми Март, Павлина Топузоска.

Околу препораките и насоките од надлежните институции, Топузоска вели дека сите мерки се почитуваат.

-Овој период кога немаме дечиња го искористивме за уредување на просторот, преперување на постелнини, уредување на дворот, така што овој период имамвме вакви оперативни активности. Согледавме дека токму овој период е добар да се искористи за да бидеме уште поподготвени кога ќе се дозволи децата да бидат примени во градинката, рече Топузоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот