Сите албански партнери ги бараат гласовите на СДСМ

Зоран Заев Али Ахмети
Фото: Facebook/Зоран Заев

Сè уште не е расчистено како ќе функционира меѓусебната поддршка на владејачките партии, затоа што и ДУИ и БЕСА ја бараат поддршката од СДСМ за нивните кандидати за градоначалници во Тетово и притоа му најавуваат на Заев дека од тоа зависи владината коалиција. СДСМ одговори дека ќе номинираат свој кандидат во Тетово, по можност Албанец.

Во првиот круг на локалните избори секоја партија од владината коалиција ќе настапи самостојно со свои кандидати, а во вториот круг ќе си дадат поддршка, најави викендов премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев. Оваа варијанта за предизборна меѓуетничка коалиција е различна од претходно најавената по средбата што Заев ја имаше со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кога најави дека двете партии заедно ќе настапат на изборите, при што во некои општини ќе си дадат меѓусебна поддршка уште во првиот круг.

Сè уште не е расчистено како ќе функционира меѓусебната поддршка на владејачките партии, затоа што и ДУИ и БЕСА ја бараат поддршката од СДСМ за нивните кандидати за градоначалници во Тетово и му најавуваат на Заев дека од тоа зависи владината коалиција. Одговорот на СДСМ на ова барање, засега, е дека тие ќе номинираат свој кандидат во Тетово, по можност Албанец, кој би бил фаворит.

Заев: Граѓаните ќе одлучат

Премиерот Заев вели дека ќе селектираат квалитетни кандидати, а граѓаните ќе одлучат.

– Граѓаните се светост и само тие определуваат кој треба да биде избран за градоначалник и затоа ние ги селектираме најдобрите можни кандидати. Драго ми е што довербата за сите наши потенцијални кандидати е голема и затоа сакаат да се кандидираат добри кандидати, звучни имиња, одговорни луѓе, докажани во професијата, и тоа е една голема предност која што нè прави фаворити на изборите. Покрај тоа што водиме во анкетите, довербата е голема, се верува дека ќе победиме, но на крајот граѓаните одлучуваат. Поради тоа што сме коалициски партнери и со ДУИ, и со БЕСА и со ДПА, заедно ќе настапиме на локалните избори. Деталите не можеме да ги кажеме уште оти не ги знаеме имињата, но дефинитивно ги знаеме принципите на коалицирање. Се знае, во првиот круг одат сите, после тоа се поддржуваме, фер, така на граѓаните ќе им оставиме сами да ни кажат кој е патот, кој треба на крајот да биде избран во сите други градови – рече викендов премиерот Заев од Битола.

Генералниот секретар на БЕСА, Аријанит Хоџа, најави дека неговата партија нема да се приклучи кон евентуалната коалиција на СДСМ и ДУИ и дека ќе настапат сами. Тој вели дека нивното присуство во Владата направило разлика и сакаат таа разлика да се отслика во гласови, односно реално да видат како ќе биде оценето нивното десетмесечно учество во извршната власт. Тој не коментира ништо во врска со средбата на Заев и Ахмети, затоа што, како што истакна, не се познати детали што ги договориле двајцата лидери.

– Оставаме да се објават детали од договорот, бидејќи изјавата е многу општа, па да почекаме да видиме врз основа на што ќе се одржи таа коалиција, односно на што ќе се темели тој договор што го направила. Многу е општа изјавата дека некаде во прв, а некаде во втор круг ќе соработуваат, така што без да знаеме каде во прв, а каде во втор круг, не би сакале да коментираме. Ние сме сериозна политичка партија и сме кажале дека настапуваме со наши кандидати и квалитетни кадри. Можам да кажам дека врвот на партијата влегува на локалните избори и тоа кажува за нашата сериозност во делот на тоа како ги цениме локалните избори – истакна Хоџа.

Извесно е дека лидерот на БЕСА, Билал Касами, повторно ќе биде кандидат за градоначалник на Тетово, па од партијата очекуваат гласачите од СДСМ да го поддржат, затоа што беше носител на листата за пратеници на ланските парламентарни избпри.

Коалицијата гарантира успех

Според аналитичарот Благојче Атанасоски математиката за локалните избори е „многу проста“ и победува тој што ќе направи најширока коалиција со која ќе се донесе глас плус, бидејќи изборите за градоначалник се мнозински и разликата од неколку стотици гласа е пресудна, особено во помалите општини.

– Предизборната меѓуетничка коалиција на владејачките партии е прагматичен чекор за ставање на што поголем опфтат на гласови ,,на купче“ , бидејќи така имаат најголеми шанси да ги победат противкандидатите, особено во етнички мешаните општини, но и  да го освојат ,,трофејот“ за секои локални избори, главниот град Скопје. Останува да видиме како лидерот на СДСМ ќе го изменаџира сето ова, бидејќи има, условно кажано, три етнички албански партии во централната коалиција од која му зависи власта – ДУИ, БЕСА и ДПА, а сите тие ќе излезат со сопствени кандидати и ќе целат кон освојување на големите градови со мнозинско албанско население, Тетово и Гостивар во прв ред, но и Струга, Чаир, Сарај… Интересно, и овој пат Заев ја номинираше актуелната градоначалничка на Арачиново, Миликије Халими, од редовите на социјалдемократите, во општина со 99 отсто етничко албанско население. Централната власт е ,,брак од интерес“ , но на локално ниво сите имаат и кандидати и амбиции да ги освојат општините, бидејќи, како што е познато, општината, за жал, во нашето општество претставува структурен и финансиско-материјален интерес за партиите – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Иако засега нема изгледи дека и најголемата македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ќе се групира во коалиција со албанската опозиција, Атанасоски смета дека тоа им е единствена шанса за резултат.

– Доколку ВМРО-ДПМНЕ не најде противодговор на оваа веќе најавена коалиција, односно не направи иста предизборна со етничкоалбанската опозиција АА и Алтернатива, прогнозирам дека ги очекува тежок пораз, особено во општините каде што ќе бидат клучни гласовите на партиите на Албанците и на помалите етнички заедници – вели Атанасоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот