Систематски преглед на Земјата: Планетата едвај може да го истрпи човештвото

Планетарните системи што поддржуваат живот и развој на цивилизација се премногу оштетени од дејствата на луѓето и повеќе не се безбедни за човештвото, се предупредува во новата студија на експерти од стокхолмскиот универзитет.

Годинешното истражување откри дека поради загадувањата и уништувањата на природата предизвикани од човекот, преминати се шест од деветте „планетарни граници“ за самоодржливост – загадувањето на околината, концентрацијата на јаглероден диоксид во атмосферата, функционалниот и генетичкиот интегритет на биосферата, промените во земјиниот систем, квалитетот на водата и биогеохемиските токови.

„Систематски преглед на планетата“, како што го нарекуваат авторите, укажува дека шесте глобални системи се понестабилни отколку во периодот од Леденото доба па сѐ до Индустриската револуција, а уште два се близу до границата – загадувањето на воздухот и скиселувањето на океаните. Единствено е поволна состојбата со озонот во атмосферата, по новите податоци дека се намалува озонската дупка забележана над Антарктикот.

Дијаграм на границите – Група од 23 автори

Како најкритична тревога е посочена преминувањето на границите во четирите биолошки сектори, кои се витални за условите.

– Науката и светот се загрижени поради екстремните климатски настани и нивното влијание врз општествата. Ние сме уште повеќе загрижени од знаците за намалената издржливост на планетата – вели професорот Јохан Рокстрем, директор на научниот тим што го спроведува истражувањето.

Планетарните граници првпат биле дефинирани во 2009 година како ниво до кое човештвото може да предизвикува биолошки, хемиски и физички промени на планетата – од испуштањето штетни гасови во атмосферата и микропластика во морето, па до сечата на шуми. Системот бил обновен во 2015 година, кога биле издвоени седум категории. Денес се вкупно девет.

Некои граници, како интегритетот на биосферата, се пречекорени уште пред еден и пол век со масовно уништување на животински и растителни видови. Граничното количество на вода во реките и езерата било надминато пред еден век, а климатските промени пред околу 40 години. Труењето на планетата со синтетички материјали, главно пестициди, пластика и радиоактивен отпад, било преминато во 2022 година.

– Границите се поставени конзервативно, за да му се овозможи на човештвото да ги надмине проблемите пред да дојдат во високоризична зона – објаснува коавторката на студијата Катерине Ричардсон, професорка по биолошка океанографија на Универзитетот во Копенхаген.

Таа особено посочува на глобалното загревање и на климатските промени, поради порастот на просечната температура на планетата на 1,2 степен над нивото од пред Индустриската револуција.

– Не очекувавме дека ќе биде вака кога температурата ќе порасне за 1 степен. Ниту еден човек уште од Леденото доба не трпел климатски услови какви што се денешните – вели професорката.

Во обид да објасни како функционира системот, таа вели дека пречекорувањето на планетарните граници е слично на пациент што страда од висок крвен притисок.

– Високиот притисок не значи дека ќе нѐ удри срцето, но значително го зголемува ризикот – вели Ричардсон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот