Сиромаштијата и семејното насилство го зголемија бројот на бездомници

Сиромаштија. / Фото: Архива на Слободен печат

Во пунктот за бездомници во Момин Поток дури за 50 отсто се зголемил бројот на луѓе што ги користат услугите што им се нудат таму.

Околу 500 бездомници во време на ниски температури и во време на пандемија спијат низ скопските јавни површини, под мостовите или во парковите и јадат од кантите за смет или од милостината дадена од хуманите граѓани. Но, за жал, оваа бројка не е конечна и, според надлежните, бројот на бездомни лица во Скопје постојано расте.

– Од година во година бездомништвото како појава бележи позитивен тренд на растење на вкупната бројка бездомни лица во градот Скопје, бројки кои се рефлексија на севкупното осиромашување на македонскиот граѓанин. Не постои официјално теренско истражување на територија на Град Скопје конкретно за оваа појава во изминатите години, па поради непостоење точни бројки, како ориентир се земаат неофицијалните извори на бројки на бездомните лица од сите институции, установи, владини и невладини организации кои делуваат токму во ова поле. Оттука, вкупната бројка на бездомници на територија на Град Скопје брои приближно 500 лица – вели Драгана Лазаревска, координаторка на пунктот за бездомници при Црвениот крст во Момин Поток.

Според Лазаревска, од вкупно 500 бездомни лица кои постојат на територијата на Град Скопје, 150 редовно ги користат сервисните услуги што се даваат во Пунктот за бездомници во Момин Поток.

– Во изминатиот период од кога започна пандемијата од ковид-19, драстично е зголемен бројот на бездомни лица во градот Скопје. За 50 отсто се зголеми бројот на бездомници што ги користат услугите во Пунктот за бездомници во Момин Поток, каде на постојните 100 бездомници пред пандемијата, стручна помош и поддршка побараа нови 50 бездомници – вели Лазаревска.

Според неа, оваа промена се должи на севкупното осиромашување на македонскиот граѓанин, со промени во неговиот работен статус (губење на работата) заради затворање на голем број на компании и фирми, со што директно оваа промена влијаела за влошување на физичкото и менталното здравје на поединецот.

– Вработените лица што дотогаш остваруваа месечни примања и беа здравствено осигурени, повеќе овие привилегии ги немаа. Поради оваа новонастаната ситуација голем број лица побараа помош и поддршка во пунктот за бездомници. Лицата кои дотогаш ги плаќаа своите кирии и рати за станбени кредити директно се најдоа во ситуација на безизлез. Заради постоење полициски час и затворање на населението под карантин, во голема мера се зголеми семејното насилство со што како нова поткатегорија се појавија жртви на семејно насилство кои се избркани од своите домови и во изминатите осум месеци единствената помош и поддршка ја најдоа во пунктот за бездомници – смета таа.

Во обид да се намали ширењето на заразата помеѓу оваа категорија на граѓани, екипи на Црвениот крст на Град Скопје, на терен делат заштитни медицински маски, средства за дезинфекција, влажни марамчиња, медицински ракавици, како и печатени материјали со дадените препораки од СЗО.

– Во блиска иднина акцентот ќе се стави на непасивизирање на оваа целна група во делот на работен ангажман и окупација, со цел излегување на работоспособните бездомници од кризата во која западнале. Ова ќе значи понудување на пазарот на труд на работоспособните бездомници и нивно совпаѓање со активните мерки за вработување како и преземање на желните за работа бездомници од големите компании, фирми и бизниси – вели Лазаревска.

Освен активностите на тимовите на Црвениот крст, кои имаат за цел да им помогнат на бездомниците да се заштитат од коронавирусот, на оваа категорија граѓани и понатаму им е отворена можноста да го посетуваат Пунктот за бездомници наменет за нив и таму на дневна основа да добијат низа услуги. Во рамките на пунктот тие имаат можност да ја исперат облеката, да одржуваат лична хигиена, да добијат храна и напитоци, како и да добијат лекарска грижа и помош за вадење на потребната лична документација.

– Во пунктот за бездомници во 2010 година е отворено привременото прифатилиште кое се отвора при екстремно ниските температури, кое се состои од машко и женско одделение, каде и во едниот и другиот дел можат да се згрижат по 16 бездомници, со што максималниот капацитет во стационарниот дел се 32 легла. При екстремно ниските температури пунктот во Момин Поток е отворен 24 часа, во кој постојат дежурни мобилни тимови, кои во секое време се достапни при дојава на бездомник од совесни и хумани граѓани или при теренска обиколка на градот Скопје – објаснува Лазаревска.

Таа додава дека мобилните тимови на терен при екстремно ниските температури со патролно возило ги делат сите потребни нешта какви што се вреќи за спиење, ќебиња, топла облека, витамини, чевли, како и топла храна и топли напитоци на бездомниците кои ќе бидат детектирани на градските улици и ќе одбијат да се згрижат во стационарниот дел за преноќување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот