Сирил Баумгартнер: „Пристапните преговори ќе се отворат, а Франција ќе биде искрен, и пријателски партнер на Северна Македонија“

Сирил Бомгартнер
Сирил Бомгартнер / Фото: Архива на Слободен печат

Францускиот Амбасадор Сирил Баумгартнер во интервју за Слободен печат говори за перспективите на Македонија на патот кон ЕУ, разбивајќи ги стекнатите предрасуди дека Франција и е непријател на нашата земја, особено поради своевидното ембарго во 2019 та.

-Македонија на својот пат кон членството во ЕУ формално и неформално е закочена три пати. Еднаш од Грција, сега скоро од Бугарија и малку пред тоа од Франција. Со тоа Франција и нејзиниот претседател Макрон станаа во некоја рака непопуларни или неомилени меѓу македонските граѓани. Господине Амбасадоре дали тоа ве загрижува?

Би ме загрижувало доколку непопуларноста е реална, длабока и трајна. Но дали навистина е така? Овој француски став, кој го делат и други, не беше упатен кон Северна Македонија ниту пак кон било која друга земја, а ќе споменам дека и Албанија се најде во истата состојба. Тој став беше насочен против постапката за членство на која се чини дека и недостасуваше суштината. Според нас беше и сеуште е важно постапката за членство да се води со неопходната строгост, без разлика за која земја станува збор, за да бидеме сигурни дека реформите кои се отпочнати се реални и иреверзибилни и дека истите ќе ги донесат и очекуваните промени. И ми се чини дека тие промени се оние кои ги очекуваат и граѓаните во Северна Македонија. Ќе додадам и дека за пет месеци од «не » прејдовме на « да », затоа што во тој краток временски период добивме променета методологија за членство според нашите барања. Оваа « нова методологија» беше едногласно усвоена од Државите-членки на Европската Унија па дури и од страна на земјите кандидати како Србија и Црна Гора, кои иако не беа приморани, побараа истата да се применува и за нив. Генерално, јас забележувам повеќе успех отколку непопуларност!

-Потврда дека не сме му омилена земја на претседателот Макрон и на Французите воопшто наоѓаме и во резултатите од неодамнешна анкета спроведена меѓу француските граѓани. Зошто е тоа така?

Незнам која му е омилена земја на Претседателот на Француската република, но меѓу нас, се сомневам дека станува збор за Франција. Она во што сум сигурен е дека постои една географска целина која претставува и политичка реалност, која се нарекува Европска Унија и која му е многу омилена на Претседателот на Републиката. Тој се бори за неа да ја зајакне и од неа да направи центар на независна моќ во свет кој не опкружува а кој станува се понестабилен и поопасен. Тој смета дека Северна Македонија и пошироко, земјите од Западниот Балкан, го имаат своето место во таа заедница. Споменатата анкета покренува прашања кои се однесуваат на функционирањето на самата Европска Унија, а во тој контекст, со новата методологија ќе се постигне напредок. И напротив, истата не содржи посебни предрасуди против Северна Македонија.

-На што може да се надева Македонија од господинот Емaнуел Макрон кој се наметнува како нов лидер на Унијата, особено по заминувањето на германската канцеларка Ангела Меркел која беше посведочен пријател на нашата земја и поддржувач на европските аспирации на Македонија?

Светот во кој денес живееме за среќа не е толку дуален но во начинот на кој Вие го поставувате прашањето забележувам доза на пријателска провокација. Во секој случај, за да одговорам суштински на вашето прашање, би кажал две работи.
Првата е онаа за која говоревме пред малку, посветеноста на Претседателот на Републиката во прилог на силна и автономна Европа во момент кој е се поблиску до нас а тоа е претстојното претседавање на Франција со Европската Унија. Ми се чини дека се и оди во прилог на Северна Македонија.
И втората е за она што го говоревме предмалку, а тоа е ставот на Франција за прашањето на европската интеграција. Откако ќе се отворат пристапните преговори, а тие ќе се отворат, Франција ќе биде внимателен, искрен, конструктивен и пријателски партнер на Северна Македонија, одлучна да и помогне на корисен начин за да ја спроведе агендата на промени кои сите ги очекуваат.

-Причините за застојот на нашиот европски пат можеме да ги бараме и дома, но она што како причина дојде од Франција беше потребата од реформи внатре во самата Унија. Сепак тие реформи своја прва и радикална примена најдоа во проширувањето, нели?

Она што е навистина точно е што, освен новата методологија за европска интеграција која е постигната, Франција сака да го преиспита и самото функционирање на Европската Унија. Конференцијата за иднината на Европа која требаше да биде набрзо отворена а да заврши за време на Француското претседавање со Унијата, ќе претставува важен повод за да се напредува на тоа поле.
Откако сме размислиле, тоа ми се чини сосема логично и праведно. Сепак сакаме да ги преиспитаме правилата за земјите кои ќе станат членки но и правилата за државите кои се веќе членки. И во секој од овие случаи загриженоста е иста: да се подигнат критериумите, да се подобрат перформансите, да се зголемат средствата, или со еден збор, да се афирмира европската моќ.
Ќе додадам дека двата процеси не се директно поврзани. За Франција воопшто не станува збор дека треба да се чека реформата на Унијата за да се напредува со проширувањето. Конкретно и според нас, реформата на методологијата за членство е завршена работа, преговарачката рамка за Северна Македонија е верен одраз на тоа и можеме да ги отпочнеме преговорите за членство без да чекаме!

-Министерот за надворешни работи Бујар Османи неодамна ја посети Франција. Дали таа посета е знак на обновување на францускиот интерес за Северна Македонија?

Да. Односите се традиционално добри меѓу нашите две земји, но тие заслужуваат да бидат уште поинтензивни. По посетата на Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г. Никола Димитров во октомври минатата година, оваа посета на министерот Бујар Османи на 23 февруари претставува важен чекор во политичкиот дијалог, кој ќе се стремиме да го зајакнеме од двете страни. Одлуката донесена за воспоставување политички консултации на годишно ниво меѓу нашите две земји, ја потврдува оваа желба и отвора нови хоризонти во таа насока. Министерот беше примен и во Сенатот, каде што јасно беше изразена желбата да се организира посета на Северна Македонија веднаш штом тоа ќе го дозволат здравствените услови.
Освен тоа, двајцата министри потпишаа три договори кои исто така ќе помогнат во зајакнувањето на нашите односи во различни области:
договор за отпочнување на активностите на Француската агенција за развој (ФАР) во Северна Македонија. Господинот Османи го посети седиштето на ФАР за време на својот престој во Париз.
договор за донација на софтвер за балистичка идентификација, кој има големо оперативно значење при работа врз одредени кривични случаи.
договор за филмска копродукција, кој пред сè ќе овозможи француска поддршка за македонската филмска продукција која е во подем.
Се разбира, мошне корисни беа и прашањата за европската и регионалната интеграција кои исто така беа на дневен ред, во рамките на разговорите што се водеа при средбите во француското Министерство за надворешни работи и во Елисејската палата.

-Бугарија на пример веќе ја користи и секогаш ќе може да ја користи својата позиција како членка на Унијата за да и го оспорува членството на Македонија во ЕУ, но и на останатите земји кандидатки?

Тоа е навистина точно иако нема никаква врска со новата методологија. Го споменувате грчкото вето. Колку време траеше? Дали новата методологија постоеше тогаш?
Реално гледано, во европските договори е предвидено да се одлучува едногласно за прашањата за влез во Унијата и тоа е така уште од почетокот на европската изградба. Со текот на времето овој услов стана поограничувачки. Тоа е така затоа што европската изградба, иако со своите успони и падови, сепак напредува. Се појаки се придобивките кои новите држави-членки ќе ги имаат. Но паралелно на тоа, Европската Унија се проширувала прогресивно, од првите шест на дваесет и седум денес и тука не застанува. Математички гледано со тоа се зголемува и ризикот од вето.
Во тие рамки, новата методологија, од таа гледна точка, може да преземе корисна улога во текот на преговорите за членство. Гарантирајќи поцврсто дека реформите за кои е одлучено ќе бидат кредибилни, со тоа таа ќе придонесе и процесот на преговарање и процесот на одлучување да станат пообјективни.

-Проширувањето на ЕУ според неколку изминати европски Влади се сметаше за најуспешниот нејзин проект. Па сепак, искрено говорејќи сметате ли дека полека измина времето на проширувањето и дека Унијата сега има свои други проблеми, предизвици и приоритети?

Светот стана понестабилен и подложен на закани. Глобалното затоплување на планетата, тероризмот, здравствените кризи, конкуренцијата да не речам ривалството на надворешните сили се само некои од предизвиците кои се пред нас. За секој од овие предизвици, Европа можеби не е единственото но е најумешното ниво за да делува. Затоа Европа треба да стане што посилна и поавтономна; а Франција е убедена во тоа.
Проширувањето е дел од друга логика, во една иста политичка и стратешка заедница станува збор за обединување на земји кои споделуваат иста географија и вредности а кои низ историјата биле неоправдано разделени. Тоа е причината поради која Северна Македонија и пошироко земјите од Западниот Балкан се определени да и се приклучат на Европската Унија. Никој не го оспорува тоа, а во секој случај, Франција одлучно ја поддржува таа перспектива која значи обединување на европското семејство.
Надвор од Западниот Балкан, прашањето кое се поставува е дали Европската Унија треба или не треба да има граници. Индивидуално, секој си има свое мислење но од ова прашање сме засегнати сите ние Европејците. Што се однесува до Франција, одговорот на ова прашање е потврден, проширувањето не може да биде процес без крај, Европа треба да има граници и заедничко соседство, со кое посакува да негува блиски форми на соработка.

-За какви реформи всушност се залага претседателот Макрон? За Каква Унија се залага тој?

Претседателот на Републиката во повеќе наврати говореше за својата визија за Европа и за големите проекти кои треба да започнат, како што изјави во неговото обраќање на Универзитетот на Сорбона во месец септември 2017 година а потоа и на трибина за европските граѓани во месец март 2019 година. Само накратко и без да должам, сметам дека основната идеја е афирмација на силна и автономна Европа која ќе придонесе во изградбата на ефикасен мултилатерализам. На воен и на безбедносен план, станува збор за заштита на нас граѓаните од конвенционалните ризици и од новите закани како што е тероризмот, на економски план да се промовира чиста, иновативна и независна индустрија во стратешки сектори како што е здравството, штитејќи ги нашите интереси во рамки на рамноправна светска конкуренција. Ќе треба светот да го направиме поправеден и отворен за помош во развојот, а Унијата тука предничи, унапредувајќи правила кои ќе бидат заштитнички настроени кон животната, општествената, хуманитарната и здравствената област, па дури и даночната, борејќи се за поправеден систем, во кој најголемите компании, особено мултинационалните дигитални компании да не бидат и најбогати и оние кои што најмалку плаќаат даноци. Во истовреме треба да се заштитуваат и да се унапредуваат европските вредности, слободата на мисла и на изразување, слободата да се делува, почитувајќи ги различностите и неприфакајќи дискриминација; достоинство во начинот на живеење…Предизвикот постои и во промената на европските постапки таму каде што истите се чинат премногу строги или премногу долги за да се постигне подобра комуникација во една Европа која знае подобро да делува од што умее да го покажe.

-Што значат термините Европа со две брзини или што поточно подразбира синтагмата Европа со концентрични кругови, кои исто така се дел од заложбите на Макрон?

Сите овие поими реално гледано се застарени и се вртат околу идејата за разграничување. Ако ги погледнеме двете големи политики, тоа се Шенген просторот и еврозоната, односно слобода на движење без контрола во европскиот простор и единствената валута. Сите земји-членки на Унијата не се дел од нив, Шведска е дел од Шенген просторот но не е дел од еврозоната, Ирска е во еврозоната но не е дел од Шенген просторот. Постои и правна рамка која им овозможува на група Држави-членки да воспостават таканаречена “зајакната соработка“ меѓу нив, на европско ниво за различни теми. Нешто слично како при спогодбен развод или случај од европското обвинителство. Која и да е формата, зад концептот на разграничување секогаш постои принципот на одбегнување на исклучувањето, Државите кои не учествуваат, или не сакаат или не можат, но во принцип, секогаш се отворени за соработка ако сите услови се обединети. Како заклучок, треба да ги тргнеме пречките кои ја кочат Европа да напредува и да внимаваме патот да остане пристапен за сите.

-Доколку промените бидат прифатени, што ќе биде со ние земји кои нема да се придружат на еврозоната, или пак на оние кои и сега видливо заостануваат и економски и демократски а своевремено станале и се членки на Унијата?

За да ги кажам уште појасно работите, би рекол дека во рамки на Европската Унија нема и ќе нема паушален статус, ниту пак ќе има Држава-членка од второстепена зона или на која и е забранет пристап до Вип-салата. Кога зборуваме за приклучување во Унијата мислиме пред сè на приклучување кон систем на вредности и сето тоа има смисла зашто едноставно, тоа е вистината.

-Меѓу другото францускиот претседател се залага и за подобри односи со Русија и Кина што и за некои ЕУ држави, а уште повеќе за Македонија и некои други балкански држави е табу тема. Може ли тоа да ги релаксира нивните геостратешките настојувања за ЕУ како единствена опција?

Како прво, точно е дека постојат одредени специфичности кај земјите-членки на ЕУ во поглед на нејзините главни надворешни партнери. Ова важи за Кина, а можеби уште повеќе и за Русија. Сепак, Европејците знаеја да се договорат и да имаат заеднички став кон секоја од овие земји; Во едниот случај, тоа е Европската стратегија за Кина, или пак принципиелната политика во односите помеѓу ЕУ и Русија во вториот случај. Поедноставно кажано, мислам дека и во двата случаи, во зависност од тоа за што станува збор, овие земји може да бидат конкуренти, ривали или партнери. Борбата против глобалното затоплување дава јасен пример за област во којашто сите имаме заеднички интереси за соработка. Затоа пак, прашањето за човековите права е тема на која може да имаме длабоки несогласувања. На економски план, особено во врска со Кина, не смееме да бидеме наивни и да ги браниме само нашите тесни интереси како Европејци. Притоа, не е во ничиј интерес да се откажеме од таа размена – под претпоставка дека тоа е можно – особено затоа што, доколку добро се спроведе од европска страна, таа може да помогне во промовирање на најдобрите меѓународни стандарди, на пример во однос на почитувањето на трудовото право. При такви околности, едноставно речено, европската моќ не може да се занемари; тоа е дипломатски пристап, што значи земјите-членки да останат обединети и да го прилагодат својот став во согласност со темата, користејќи притоа широк спектар на инструменти, од трговската политика до политички дијалог и санкции кога тие се неопходни. Не гледам како ваквото позиционирање може да предизвика одредени тешкотии за Западен Балкан, напротив!

-Ако реформите во ЕУ се случат на начин за кои се повеќе се говори и ако реално во таквата ЕУ нема да има место за земјите од Западен Балкан, каква алтернатива им останува ним? Постои ли план кој ќе биде прифатлив за граѓаните на овие земји? За некои веќе се проговори веднаш по француското „вето“, но од тогаш наваму стивнаа таквите идеи?

Географски гледано, земјите од Балканот се наоѓаат во Европа, а од политички аспект, нив ги чека место во рамките на Европската унија. За да се постигне тоа, постои заедничка рамка утврдена со новата методологија. Врз таа основа, секоја ситуација има свои специфичности и секое преговарање ќе вклучува значителни напори водени од желбата за промена. Најпосле, секоја земја е суверена и самата одлучува за својата судбина. Не е на мене да кажам дали Северна Македонија има или нема алтернатива на ЕУ. Она што можам да го кажам, сепак, е дека надвор од актуелните тешкотии, сè додека има волја да се приклучи кон ЕУ и нејзините напори продолжат во таа насока, земјата ја чека место во Унијата. Според мене, не постои план Б; ако се стремиме кон Европската унија, тој стремеж се нарекува членство.

-Што се однесува до механизмот Ковaкс, дали Европа има стратегија за вакцинација или само ургентно се справува со кризата?

Факт е дека оваа криза беше непредвидена и достигна невидени размери. Таа постепено сите ги затече неподготвени, насекаде во светот. Ова важи и за Европската унија, особено затоа што нејзината надлежност во поглед на здравствените прашања е ограничена. Затоа мораше постепено да изгради одговор, почнувајќи од координирање на мерките за контрола на границите до воспоставување систем за групни нарачки на вакцини. Оваа криза ја истакна и преголемата зависност на Европската унија во однос на нејзините производствени капацитети и нејзините стратешки залихи, што очигледно одеше во прилог на тоа да се согледа потребата од европски суверенитет за којшто се залага Претседателот на Франција. Прашањето за меѓународната солидарност е дел од оваа стратегија. Тоа е прашање на правичност, но и на ефикасност во иста мерка, бидејќи не може да стане збор за посебен пристап на Европа во светот што се враќа во нормала; пандемијата мора насекаде да биде потисната. Од таа причина ја започнавме иницијативата АКТ-А пред една година, со цел да ги поддржиме нашите партнери и пред сè, нашите европски соседи, во нивниот пристап до вакцини, но исто така и до третмани, дијагностицирање и до примарните здравствени системи. Северна Македонија ќе има корист од оваа иницијатива, во согласност со роковите кои, како и во Европската унија, се нарушени од тензиите што се појавија кај производствените капацитети и дистрибутивните мрежи. Ковакс е мултилатерален механизам, во којшто европскиот придонес е значителен и тој изнесува една милијарда евра, како надополнување на финансиските напори што Унијата ги вложи конкретно за да им помогне на земјите од Балканот: да се потсетиме, зборуваме за сума од 3,3 милијарди евра наменета да ви помогнеме во надминувањето на економските и социјалните последици од здравствената криза, на којашто беше додадена и сумата од 70 милиони евра за набавка на вакцини. Никој нема толку вложено, а сепак одвреме-навреме се слушаат критики насочени кон Европа. Затоа, ќе се навратам на она што го реков претходно: Европа дефинитивно знае подобро да дејствува од што умее тоа да покаже!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот