Сирија погуби 24 лица кои подметнале шумски пожари

Експлозија на автобус во Сирија/ Фото EPA-EFE/Syrian Arab News Agency

Сирија егзекутира 24 лица за кои тврди дека ги подметнале ланските пожари кои зафатија делови од шуми, главно во крајбрежната провинција Латакија, од која потекнува сирискиот претседател Башар ал Асад, соопшти Министерството за правда.

Осудените биле погубени во средата, поради „терористички дејствија што довеле до смрт и оштетување на државната инфраструктура, јавниот и приватниот имот“, соопшти Министерството.

Единаесет други луѓе биле осудени на доживотен затвор по истите обвиненија, од десетици уапсени на крајот на минатата година кои признале дека ги подметнале пожарите што започнаа во септември 2020 година и траеја до средината на октомври, пренесува Ројтерс.

Иако егзекуциите се вообичаени во строго управуваната земја со моќен безбедносен апарат, ретко е да се објави толку голем број егзекуции во еден ден.

Во соопштението на Министерството за правда се вели дека десетици пожари зафатиле шуми и обработливо земјиште и изгореле домови во десетици села и градови во провинциите Латакија и Тартус, како и во централната провинција Хама.

Не беа дадени детали за тоа каде и како се извршени егзекуциите. Меѓународните групи за човекови права велат дека многу затвореници се во Сирија се егзекутирани без судење, а десетици илјади осуденици се во затворите.

Огромните пожари предизвикаа загуби од десетици милиони долари на култивирани парцели со главно цитрусни овошја, јаболка и маслинки, на кои многу сиромашни земјоделци од шиитската секта Алави се потпираат за да ги надополнат нископлатените државни работни места.

Државната телевизија прикажа наводни признанија на некои од виновниците, кои рекоа дека биле платени за да ги подметнат пожарите.

Властите во тоа време ги обвинија надворешните и внатрешните непријатели на Сирија за палењето на шумите како дел од, како што тврдеа, економската војна. Децениската војна во земјата однесе најмалку 350.000 животи и предизвика раселување на милиони луѓе.

Видео на денот